Македонија
17. March 2016 - 11:32

Репортажа на АФП: Со македонските војници на јужната граница

Француската агенција Франс Прес објави репортажа за македонските безбедносни сили кои се распоредени на јужната граница кон Грција со задача да спречат натамошно илегално преминување на мигранти. Во репортажата е опишано патролирањето низ некогашните лозови насади, сега претворени во каллива меѓугранична зона низ која патролираат војската и полицијата, додека илјадници бегалци во импровизираниот камп од грчката страна на границата се надеваат на менување на европската политика или пак чекаат можност скришум да се пробијат кон Македонија.

- Ситуацијата е тешка и за нив и за нас. Гледам дека има деца од другата страна. И јас самиот имам две деца. Но, мораме да ја вршиме нашата работа и да ја штитиме нашата земја", изјавил Марко, еден од македонските војници, за АФП.

АФП јавува дека Македонија, која не е членка на НАТО или на Европската Унија, ја распореди армијата на границата со Грција минатиот август, со цел да го контролира дотогаш неограничениот тек на бегалци и економски мигранти. Затворањето на границата, по самитот на Европската Унија со Турција пред десетина дена, доведе до создавање на големиот граничен камп кај селото Сехово (Идомени), каде над 10.000 луѓе чекаат сместени во шатори. Воедно, се проценува дека уште над 30.000 бегалци и мигранти упатени по Балканската рута кон Германија се најдоа заглавени во Грција во моментот на затворањето на границата или пак пристигнале оттогаш. Дел од нив се обидуваат да изнајдат други, алтернативни рути, како што е патот преку Албанија или Бугарија, но повеќемината чекаат во кампот кај граничниот премин Богородица и во десетината други кампови распоредени низ Грција.

- За мене е несфатливо дека нашата земја сега е главната заштита на Европа, додека самата Европа не може да најде место за овие луѓе кои страдаат, АФП цитира друг македонски војник, кој патролира по должината на границата.

Поттикнати од активисти за отворање на границите, мигрантите извршија еден обид за насилно пробивање на границата, додека во понеделникот вечер имаше масовен обид за заобиколување на оградата поставена на границата. Притоа, тројца Авганистанци се удавија, додека околу 1.500 лица влегоа во Македонија, но беа вратени назад во Грција. За француската новинска агенција македонските безбедносни сили велат дека можат да се почувствуваат тензии на границата. - Ние сме постојано на патрола. Никогаш не знаеме што може да се случи. Мигрантите понекогаш се обидуваат да се пробијат покрај нас, нервозни се, студено е, гладни се... Тензиите се на високо ниво, вели Милан, 29-годишен војник од армиската механизирана единица.

Портпаролот Тони Јаневски вели дека војниците смеат да употребат оружје само во краен случај, доколку нивните животи се воведени во опасност.

АФП ги наведува тврдењата на организации, како Хјуман Рајтс Воч, дека при овие обиди да се пробие границата, безбедносните единици употребиле сила да ги спречат мигрантите. Од друга страна, македонските војници велат дека грчката страна ги доведува мигрантите во опасност така што ги поттикнува илегално или насилно да ја преминат границата.

Повеќе европски држави кои се залагаат за контрола и запирање на текот на миграцијата преку Балканот испратија и свои полициски засилувања во регионот на Гевгелија, во рамките на билатерална соработка со Македонија, додека во исто време Австрија најавува можност за испраќање војници. АФП посочува на интервјуто на претседателот Ѓорге Иванов за германскиот весник Билд, во кое тој вели дека самата Европска Унија досега не одвоила ниту цент за Македонија за справување со бегалците.

Освен на човечката драма, репортажата на Франс Прес се осврнува и на политичкиот момент на кризата. Министерот за одбрана Зоран Јолевски за АФП изјавил дека е неопходна широка стратегија за справување со мигрантската криза, во која Европската Унија ќе вклучи и земји кои не се членки, како Македонија. - Прашање од милион долари е што ќе се случува понатаму. Никој не го знае одговорот на тоа. Јас би бил најсреќен доколку ситуацијата се смири и ние можеме целосно да ја повлечеме армијата од границата, но тоа зависи од ситуацијата. Во справувањето со кризата, Македонија покажа дека е кредибилен партнер на меѓународната заедница, вели за АФП министерот Јолевски, додавајќи дека Македонија покажала дека заслужува и членство во НАТО, кое досега и беше ускратено токму поради противењето на Грција.