Свет
31. October 2017 - 14:50

Пуџдемон: Нема да барам политички азил во Белгија

Главен приоритет ни е да го избегнеме насилството. Доколку има насилство, тоа ќе биде по одлука на шпанската Влада, изјави денеска од Брисел каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон, кој беше разрешен од шпанските власти.

- Ги поддржуваме нашите службеници кои и натаму се обидуваат да ги извршуваат своите обврски, рече Пуџдемон, по информацијата дека шпанската Цивилна гарда изврши денеска претрес во седиштето на регионалната полиција на Каталонија, во рамки на истрагата поврзана со референдумот за независност одржан на 1 октомври, изјави анонимен портпарол на Цивилната гарда.

- На крај не чекаат избори, кои ги распиша шпанската Влада и на тоа гледаме како на демократска можност. Не сме преплашени, не се плашиме од избори. Ќе излеземе на избори и ќе дадеме одговор на шпанската власт и целата меѓународна заедница, истакна разрешениот премиер.

Тој нагласи дека судири се решаваат на демократски начин, а не со „затворање луѓе“. 

- Ќе ги почитуваме резултатите од 21 октомври без оглед на резултатите. Сакам да го поставам прашањето дали шпанската држава че ги почитува резултатите од изборите или не. Јас инсистирам на тоа, на прашањето до шпанската Влада дали се подготвени да ги прифатат резултатите од изборите доколку победат партиите кои се залагаат за независност на Каталонија, праша Пуџдемон, кој од Прес Клубот се обрати на каталонски, шпански и француски јазик, со цел „да нема забуни“.

Пуџдемон ја повика ЕУ да дејствува, велејќи дека насилството во Каталонија би, претставувала крај на идејата за Европа и европските вредности. 

- Сакам да и порачам на меѓународната заедница, посебно на Европската унија: Морате да сфатите дека борбата на Каталонците за независност е всушност борба за вредности како што се слободата, демократијата, ненасилството... Тоа е борба против ставот на шпанската Влада, која ја карактеризира насилство и не дозволување дијалог. Тие ги испраќаат луѓето во затвор, познаваат само репресија, што мора да биде запрено, затоа што сите во Европа ќе ја платат цената, изјави Пуџдемон.

Тој нагласи дека би сакал да им порача на Каталонците да бидат подготвени на долг процес. - Соочени сме со држава која познава само угнетување. Нашето оружје е дијалогот, истакна разрешениот каталонски лидер.

Пуџдемон дополни дека не е во Белгија за да бара азил, туку затоа што Бриосел е главен град на Европа. Пуџдемон истакна дека дел од членовите на неговата разрешена влада отпатувале во Брисел за во срцето на Европа да укажат на проблемот на Каталонија.

Тој потенцираше дека е подготвен да се врати во Шпанија доколку добие гаранции за фер судски процес. - Колку долго ќе останам во Белгија, зависи од ситуацијата. 

- Ако постои гаранција за правичност, неутралност на шпанската држава, ако имам гаранции за непристрасен процес, веднаш ќе се вратам, рече тој на прес-конференција како одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека како државјанин на ЕУ, има право слободно да патува. - Не барав средби со белгиски партии, ова не се однесува на  Белгија. Дојдов тука за да го слушнете нашиот глас појасно, рече Пуџдемон.

Според него, прес-конференцијата во Брисел има за цел да ги истакне „сериозните недостатоци на демократијата во Шпанија".

- Шпанската правда ги следи идеите, а не злосторствата, коментираше тој.

Пуџдемон изјави дека е законски премиер на Каталонија и оти „владата која тој ја предводи се уште претставува официјална власт’ во шпанскоот регион. Воедно тој најави дека неговата влада ќе продолжи да работи.

Според него, шпанското обвинителство бара одмазда, а не правда. Додека оваа закана постои, нема да има услови за објективен судски процес, рече Пукдемон. Според неговите зборови, политичките гаранции што ги бара, може да се добијат преку ЕУ.

- Ја повикувам Европа да реагира. Ние нема да се криеме од правдата, нема да ја избегнеме нашата одговорност, додаде Пуџдемон.

Тој соопшти дека добил информации за насилни дела подготвени против него и дека во последните денови неговата безбедност била намалена со одлука на шпанската полиција.

- Ако бидеме осудени на 30 години затвор, тоа ќе биде огромна грешка која ќе биде скапо платена за сите во Европа, додаде каталонскиот политичар.