Македонија
8. November 2024 - 16:31

Директорот на Детска брои чиј мандат имало повеќе починати деца - ДСЗИ во надзор за последниот смртен случај на Клиниката

Во тек е вонреден надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за смртта на 5 годишното дете кое пред три дена почина на Детска. По налог на директорот на ДСЗИ инспектори денеска се во контрола на Клиниката за детски болести а потоа ќе одат и кај матичниот лекар. Поради обемната документација за случајот велат дека ќе им бидат потребни неколку денови.

Девојчето било хоспитализирано поради силна главоболка и на почеток ја третирале на одделот за неврологија. Поради влошување на состојбата ја префрлиле на интензивна каде и била интубирана. Но и покрај сите напори на медицинскиот персонал, детето починало од воспаление на мозокот.

Ова е трет смртен случај на Детска за еден месец по чие објавување во медиумите ситуацијата доби политичка конотација. Актуелниот директор на социјалните мрежи брои во чиј мандат колку смртни случаи имало, но и каква состојба затекнал на клиниката откако ја добил менаџерската функција. Реџеп Мемеди преку табела објавена на неговиот фб профил, информира дека во 2014 година имало дури 102 смртни случаи на деца, за разлила, пак, од 2022 кога биле 52. Но пред 10 години биле хоспитализирани над 8000 пациенти, за разлика од пред две години кога вкупниот број на хоспитализации е  нешто над 4500..

-Во оваа табела јасно се гледа дека во изминатите години - кога се знае кој бил на власт - стапката на смртност во Детската клиника била и до 3 пати поголема во однос на годинава! Просечно имало и по 9 смртни случаеви месечно!

Во овие 4 месеци додека сум в.д директор на Универзитетската клиника за детски болести, додека ја скенирав состојбата на Детска Клиника наидов на многу проблеми наталожени и нерешени со години!, пишува Мемеди на фејсбук.

Според актуелниот директор на Детска, информациите кои неофицијално биле лиферувани од Детска имале политичка тенденција и за информаторите не бил важен детскиот живот туку директорската фотелја.

Неколку часа пред Мемеди да се огласи на фејбук, од клиниката со која раководи имаше соопштение дека во нивната установа завршуваат најтешкитер случаи на болни деца.

-Но, не секогаш среќата е на страната на лекарите и медицинските сестри кои, иако го даваат целиот свој професионален и човечки труд за да ги спасат животите на малите деца, понекогаш со скршено срце се принудени да им ја соопштат горката вест на нивните родители, пишуваат од Детска.

На 5 ти октомври на Детска почина 14 месечно бебе од Гошинце кое беше транспортирано од Козле во многу лоша состојба. За овој случај стручниот надзор констаираше системски и стручни пропусти а обвинителството и официјално го побара обдукцискиот наод како и извештаите од контролите.

Минатата недела беше актуелна смртта на бебе од Струмица кое почина на клиниката, но ДСЗИ не откри недостатоци.