Бизнис
24. September 2018 - 19:45

Пругата кон Грција ќе донесе нови инвестиции

Градењето политики на пријателство дава резултати, а пример за тоа е зголемената трговија со Бугарија за 12% за една година, потенцираше премиерот Заев. Тој верува дека истото ќе се случи и со Грција, а во период од пет години очекуваат удвојување на трговската размена меѓу Македонија и Грција.

-Договорот со Република Грција многу малку е експлоатиран во делот кој што ги отвора сите перспективи на соработка, од можностите за добивање повторно повластено користење на пристаништето  за земјите кои немаат пристаниште. Конечно нема да има проблеми при пласирањето на македонските производи Made in Macedonia. На битолчани и на цел овој регион им препорачувам да се фокусираат и да се подготват за освојување на грчкиот пазар заради тоа што станува збор за добар и квалитетен пазар, рече Зоран Заев

А токму во прилог на ова ќе биде и пругата Битола Кременица која се обновува после три децении.

-Верувам дека ќе биде и доволно мотивација за дополнителни инвестиции и во Жабени, но и севкупно во овој регион, рече Заев.

Гасификацијата за Битола е исто така важна за компаниите, која би значела намалување на трошоците. Направи споредба со Струмица каде компаниите имале заштеда од 27%. До 2019 година цевката треба да стигне до Битола, рече премиерот.

 -Гасификацијата е важна и за градот битола затоа што битола ќе биде еден од ретките градови кои ќе има две опции на загревање, едното преку топлинска енергија, а другото преку гасоводот кој доаѓа до овде, а граѓаните ќе ги имаат двете опции за избор. Сето тоа важи и за големите компании.

Премиерот Заев беше дел од отворената средба со битолските стопанственици во организација на стопанската комора на македонија која се одржа во кругот на фабриката „Кромберт и Шуберт“ во Индустриската зона Жабени.