Македонија
15. April 2024 - 16:37

Приведени 17 полицајци од Идризово

Затвореник осуден за убиство помогнат од 17 полицајци, засекогаш го напуштил Идризово. Според истрагата на обвинителството, затворските службеници, најпрво му дозволувале да шета, а по една недела и да побегне. На крајот од октомври лани го реализирале планот. Затвореникот секојдневно одел на лекување во приватна болница, но наместо медицински третман, добивал повеќечасовна слобода. Во последниот четврток од месецот, осуденото лице не се вратило во клиниката. Како што информира обвинителството, затворските полицајци, наместо да го пријават бегството, седеле во празниот болнички апартман..

„Критичниот ден, со придружба на двајца осомничени затворски полицијаци, лицето се упатило во просторијата за пушење во близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало половина час, по што осомничените затворските службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе и со автомобил да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата“, наведуваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Бегството го открила интервентната полиција откако забележала дека затворските службеници обезбедуваат празен болнички кревет.

Шестмината кои имале задача да го придружуваат затвореникот, обвинителството ги сомничи за кривично дело, овозможување бегство на лице лишено од слобода.

За 11-та полицајци кои цела недела дозволувале да излегува и се враќа во болницата се води предистрагата со сомнеж за продолжено кривично дело незаконско ослободување на затвореник.

Од обвинителството велат дека за таквите кривични дела законите предвидуваат строги казни, па така осомничените затворски полицајци од Идризово се соочуваат со затвор до 10 години.