Македонија
23. јуни 2024 - 16:42

Приватните превозници утре ќе возат само до 10 наутро

Граѓаните загрижени поради најавата дека утре нема да возат приватните автобуси низ Скопје. Велат „и така чекаме по еден час, а сега прашање ќе биде и дали воопшто ќе дојде автобус на постојката“. Не им е сеедно што ќе мора сами да се снаоѓаат за превоз на пеколните температури, но ги оправдуваат што нема да работат, оти, како што велат, никој не би работел без пари.

„Не погоди, ама на приватните треба да им се исплатат парите“

„Немаат плата земено, кој ти работи бесплатно“

„Секако дека ќе не погоди, ама што можеме. Без пари, никој не работи, тоа е целата вистина. Ги оправрдуваме и јас без пари не би работела“

„Ќе одиме пешки, што да правиме, мора да се работи“

Возачи на приватните автобуси информираа дека утре ќе возат само од 5 до 10 часот наутро и ќе се вратат назад во гаражите. Нема да протестираат и да го блокираат градот, но ќе ги остават граѓаните без редовен превоз во најтоплиот дел од денот. Причина за прекинот, како што ни кажаа, е долг од 140 милиони денари.

Доцнењето на автобусите и долгото чекање по постојките, не се единствениот проблем на патниците. Се жалат дека автобусите кога доаѓаат се преполни, не се чисти, а немаат ниту клима, па возењето им е вистинска голгота.

„Немаат редовно линии. Автобусите никаде ги нема. Кажуваат дека има дефект и нема да дојде линијата. Не сме задоволни. Нема никакви услови. Не се чисти автобусите, а и шоферите немаат култура. Ако треба да застанат на станица, не застануваат, си продолжуваат, како да се нивни автобусите“

„Нула, ништо. Нечисти се. Нема клима, нема ништо. Сега со 16-ка дојдов, катастрофа“

„Ретко некој што има клима, а и тие што имаат па штедат и не ја користат. Не е пријатно возењето, ама мора да се возиш“

Директорите на приватните автобуси не комуницираат со медиумите, а засега реакција нема ниту од директорот на ЈСП, Крсте Петревски, ниту од Градот Скопје.

Приватните превозници штракјуваа половина година, од декември 2022-та, до мај лани поради долг од еден и пол милион евра.