Македонија
27. јуни 2024 - 16:32

Невремето затвори операциони сали во ГОБ 8-ми септември

Префрлани пациенти и опрема од трети кат на приземје поради протекување во оперативниот блок во ГОБ 8-ми септември. Синоќешните поројни дождови предизвикаа затворање на две сали и шок соба и застој во хируршкиот дел.

-Во моментот во ГОБ 8-ми септември има градежна фирма која ја проверува кровната конструкција да виде каде е дефектот и да биде саниран за да не дојде до повторно поплавување на оперативниот блок. Со овој сериозен проблем е запознаено и министерството за здравство.

Поплави во операционите сали имаше во болницата и пред неколку месеци. Директорот Христијан Костов во изјава за Сител вели дека застојот е надминат а установата е во функција.

- Имаше прокуснување помеѓу првите две сали, но знаете, болницата има повеќе операциони сали и програмот од тие две беше префрлен во други две кои се на приземје. И имаше отсабајле некое закаснување на почнување на операциите, но сега се оперира доле. Нема место за загриженост. Во моментот се во функција 6 операциони сали што е сосема доволно да бидат згрижени сите хируршки пациенти кои доаѓаат во болницата, вели Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми септември

Костов вели овој период имале многу работа поради проблемите со хируршките клиники, вработените биле преморени но се справувале со предизвиците. Но за разлика од директорот, дел од хирурзите што ги контактиравме велат дека нема операции за елективни случаи и дека проблемот е многу посериозен. Доктор Каревски кој е ортопедски хирург во установата на социјалните мрежи напиша

- Негрижа и запоставување секогаш излегуваат на виделина. Синоќешното невреме имало сериозни последици по оперативниот блок во ГОБ 8ми Септември. Време е некој способен да ги решава проблемите на оваа болница

Лекари реагираат дека во услови кога не се целосно функционални салите на хирургија во клинички и проблемот во 8 –ми спемтември, што ќе прават пациентите?

- После клинички центар, денес поради хаварија од дождовите се затвораат хируршките сали и во ГОБ 8ми Септември.

Последна линија на одбрана на пациентите останува да биде Градска хируршка Св.Наум Охридски, напиша доктор Ненад Лазаров на фејсбук.

Очекувањата на раководството од ГОБ 8-ми септември е дека проблемот на кровната конструкција ќе биде решен за неколку дена со што повторно би биле вратени во функција затворените сали.