Македонија
22. February 2025 - 17:04

При градежни работи пронајден човечки труп

Неидентификуван човечки труп пронајден во Штип. Телото е откриено во раните утрински часови, при градежни работи со машини на локацијата каде што се гради мега паркот „Иднина“, кој треба да се простира покрај пешачката и велосипедската патека крај реката Брегалница, во штипската населба 8-ми Ноември.

Локацијата на која е пронајдено телото претходно беше дел од бунарскиот систем за снабдување со вода за пиење на градот. Засега не може да се утврди дали станува збор за машки или женски труп. На социјалните мрежи се шпекулира дека се работи за машко лице кое е пријавено за исчезнато пред 7 месеци, меѓутоа од надлежните институции нема официјален став. Телото е предадено на обдукција, а обдукцискиот наод треба да даде одговори за идентитетот на лицето и причината за смртта.

Во моментот трае увид на лице место од страна на полицијата и јавен обвинител. Од СВР Штип најавија дека повеќе детали и информации ќе бидат соопштени во текот на денот.