Loading Video...
Свет
13. March 2025 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Рускиот претседател Владимир Путин во средата ја посети Курската област за првпат откако украинските сили извршија изненаден напад врз регионот во август минатата година, јави ТАСС, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Посетата доаѓа во период кога руските сили бележат успеси во Курската област, според руските воени извори.

Путин одржа состанок во еден од командните пунктови на руската војска во регионот и го слушна извештајот на началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов. Според Герасимов, руските сили ослободиле повеќе од 1.100 квадратни километри територија во Курската област, што претставува 86 отсто од површината која била окупирана од Украина.

Путин во своето обраќање рече дека во најкус можен рок треба конечно да се победи непријателот кој е вкоренет во Курската област и се уште спроведува одбранбени дејствија.

Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии за руски, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој нагласи дека државата нема да дозволи никој да ги заборави злосторствата извршени врз Украина.

- Нашите војници ги извршуваат своите задачи во регионот Курск. Русите дефинитивно се обидуваат да извршат максимален притисок врз нашите сили, истакна Зеленски.

Според онлајн мапа на бојното поле во Украина на украинската организација „Дип стејт“ (Deep State), украинските сили го напуштиле градот Суџа во областа Курск, каде Москва изминатите денови почна офанзива. Зеленски уште еднаш потенцираше дека Украина покажала подготвеност за примирје и оти сега се очекува одговор од Русија.

Инаку, Жителите на Кривји Рих сметаат дека Русија не планира да го прекине огнот. Во ракетен напад загина една жена, а пет лица беа повредени во средата. Нападот погоди и инфраструктурен објект и предизвика пожар. Кривји Рих е родниот град на Зеленски, и е честа мета откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина пред три години.

Се надевам дека ќе постигнеме прекин на огнот, им рече американскиот претседател Доналд Трамп на новинарите. Нашите луѓе се на пат кон Русија додаде, Трамп. 

Русија пак им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната против Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс лица запознаени со ова прашање.

Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа ниту дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ги прифати барањата, наведува агенцијата.