Loading Video...
Свет
26. јуни 2024 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Нова рунда од дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина, во која ќе учествуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти ќе се одржи денеска во Брисел.

Домаќин на средбата ќе биде високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, а во дијалогот ќе учествува и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Одржувањето нова рунда дијалог беше договорено за време на посетите на Лајчак на Косово и Србија минатата недела.

Во пресрет на новата рунда дијалог во Брисел, Борел изјави дека вложува напори дијалогот меѓу Србија и Косово да се доведе до оперативно решение“ за имплементација на Охридскиот договор. Високиот претставник и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак ќе имаат одвоени средби со лидерите, по што ќе следи заедничка трипартитна средба“, се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

По средбата се очекува Борел да им се обрати на медиумите.

Курти и Вучиќ последен пат се сретнаа во Брисел на 14 септември 2023 година.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, пред американски суд во Саипан се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД, во спогодба со американскиот правосуден систем со која заврши долгата правна битка и ја напушти судницата како слободен човек.  Судијката Рамона Манглона ја одобри спогодбата со обвинителите, ставајќи крај на 14-годишната сага. Во согласност со спогодбата, таа го осуди на затворска казна, која тој веќе ја одлежа.

Тој помина пет години во затвор во Обединетото Кралство.

Судијата рече дека американската влада се согласила да не води понатамошна кривична постапка. По читањето на пресудата, обвинителството веднаш го повлече барањето за екстрадиција на Асанж, што беше голем момент со оглед на тоа што основачот на Викиликс поминал години на суд обидувајќи се да избегне екстрадиција во САД.

Асанж се изјасни за виновен на сослушувањето на Северномаријански Острови по едно обвинение кое го товари за заговор за добивање и објавување доверливи документи за одбрана на САД. Платформата на Асанж Викиликс објави илјадници доверливи американски воени документи за американската инвазија врз Авганистан и Ирак.

Тој сега е слободен човек и може да се врати во родната Австралија по години во егзил.

Руските власти соопштија дека со посредство на властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) размениле 90 украински воени заробеници за 90 руски војници заробени во Украина. Последната голема размена на затвореници меѓу Русија и Украина беше во февруари. ОАЕ, исто така, посредува во враќањето на украински деца од Русија.