Loading Video...
Свет
28. јуни 2024 - 12:22

Преглед на вести од светот

Лидерите на Европската унија ја предложија Урсула фон дер Лајен за кандидат за претседател на Европската комисија, Каја Калас за висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност и го избраа Антонио Кошта за претседател на Европскиот совет, објави актуелниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Според него, Европскиот совет ја манифестирал својата одговорност со тоа што ја донесе ваквата важна, есенцијална и тешка одлука и успеа да го заврши Самитот во еден ден, минувајќи ги сите точки од дневниот ред, иако беше планирано тој да трае два дена. 

„Мисијата е завршена. Европскиот совет испорача. Со номинациите е испратен моќен сигнал, моќен европски демократски сигнал, бидејќи ги земавме предвид изборните резултатите“, рече Мишел на прес-конференција по завршување на Самитот на ЕУ.

Фон дер Лајен изрази благодарност до лидерите на ЕУ за нејзината номинација за втор мандат како претседателка на Европската комисија.

Нејзиното именувањето на функцијата претседател на Комисијата сега мора да биде потврдено од Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници.

Калас треба да биде потврдена од претседателот на Комисијата, што е формалност. Таа, исто така, ќе се појави пред европратениците наесен, иако тие не можат да ја отфрлат како висок претставник на ЕУ за надворешни работи. Од друга страна, самиот Европски совет го избира својот претседател.

Лидерите на Европската унија потпишаа документи со украинскиот претседател Володимир Зеленски со кои се потврдуваат безбедносните обврски кон Украина. Неколку земји веќе имаат слични договори со Украина, нудејќи долгорочна посветеност да му помогнат на Киев, вклучително и откако неговата војна со Русија ќе заврши.

Џо Бајден имаше неубедлив и несигурен настап, додека Доналд Трамп го напаѓаше со серија често лажни тврдења во нивната прва телевизиска дебата во пресрет на изборите во ноември, во која двајцата веројатни претседателски кандидати разменуваа и лични навреди.

Двајцата ривали ги дадоа своите видувања за абортусот, имиграцијата, војните во Украина и Газа и за начинот на справување со економијата и на крајот на дебатата не си подадоа рака.

Деведесетминутната дебата се одржа четири месеци пред изборите, најрано досега, немаше публика во студиото и микрофоните автоматски им се исклучуваа кога не беше нивни ред за зборење. Тие меѓусебно се нарекоа „најлошиот претседател во историјата“, Бајден за Трамп кажа дека е губитник и плачко, додека Трамп му возврати дека е катастрофа.