Бизнис
2. November 2015 - 15:23

Предупредување: Во Македонија се продаваат небезбедни јајца од Србија

Во Македонија се увезуваат здравствено небезбедни јајца од Србија и по дампинг цени, кои препакувани и дополнително обележани се продаваат на домашниот пазар по иста цена како нашите, алармираат домашнитепроизводители.

Според нив, ова резултира со големи загуби во живинарството кое директно вработува 2.000 луѓе во производството и исто толку индиректно.

Групацијата за живинарство при Стопанската комора на последната седница заклучила дека се неопходни засилени инспекциски контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). 

- Во 2013 и 2014 година бројот на несилки се намали како резултат на затворање на европските пазари, а домашното јајце е со најниска цена во регионот, 5-7 денари, велат од Групацијата за живинарство и додаваат дека можност за извоз нема, освен во Србија каде што државата има воведено прелевман во висина од 1,5 денари за јајце, како и во Албанија и Косово од каде доаѓа комисија која треба да одобри дозвола за извозниот објект во Македонија.

Во моментов имаме стопанска гранка во која можност за извоз нема, а од друга страна постојат законски услови за непречен увоз, укажуваат живинарите. Тие исто така бараат и воведување субвенции за јајцата, како за другите земјоделски производи. Согласно Стратегијата за живинарство, Владата во својата програма 2016-2020 година да воведе мерка за директна подршка на живинарството, и тоа не по  произведено јајце, туку по вселена јарка, односно заклана кокошка во кланица.

Како што најавуваат, до Агенцијата за финансиска подршка ќе достават допис со кој ќе се побара можност за користење средства за домашните производители на јајце, почнувајќи од 1 јануари 2016 година.

На седницата во Стопанската комора од АХВ било посочено дека со Србија е склучен договор за заемно признавање на сертификатите. Можност за измена во овој дел нема, но постои можност да се врши контрола на увезените јајца со цел да се утврди веродостојноста на сертификатот.

Според АХВ, Македонија по подолг период повторно доби дозвола за извоз и транзит на јајце во ЕУ, што домашните компании го поздравија напоменувајќи дека тоа многу ќе им помогне.

Македонија во моментот најмногу увезува јајца од Србија, 800-840 картони неделно. Северниот сосед, потсетуваат живинарите, дури неодамна воведе следливост на одредени болести кај јајцата. 

На состанокот во Комората учествувале претставници од најголемите живинарски фарми во земјава.