Македонија
30. јуни 2024 - 16:30

Жителите на Оревоец судски и со блокади против ископ на материјал од страна на Бехтел и Енка

Се одложи рочиштето пред Основниот суд во Прилеп на кое граѓаните од селото Оревоец бараат времена мерка за стопирање на ископот на Бехтел и Енка кој се наоѓа на само 200 метри од нивното село. На рочиштето не присуствуваа претставници ниту од овој конзорциум, нити од ЈПДП, наводно не биле уредно поканети. Рочиштето е одложено за 10 јули, но жителите кои протестираат скоро 2 месеци бараат до тогаш државата да го реши овој случај затоа што комплетно се работело на диво, без никаква документација.

„Елементарна документација во смисла на постоење на соодветни дозволи, лиценци или одобренија, како што е Б интегрирана еколошка дозвола, елаборат или студија за влијанието врз животната средина, рударски проект врз кој би се започнало минирањето на теренот и ископ тука, очигледно е дека таква документација не е изготвена пред отпочнување на проектот“, истакна Жарко Стеваноски, жител на с. Оревоец.

Жителите велат дека не им е јасно зошто покрај толку рудници во Прилеп од каде може да се искористи тампон се започнува нов ископ, веднаш до населено место и каде се наоѓаат единствените сопствени извори на вода кои ги има Прилеп. Се жалат и на незаконското однесување на претставници на Бехтел и Енка.

„Немаме друг избор како граѓани, ние друг избор немаме, ионака Прилеп е сиромашниот град за вода и единствените извори мора да ги сочуваме и мора воздухот да го сочуваме чист без никакви прашини, што се намериле да ги прават тука, а ветерот потоа ќе го носи долу во градот“, рече Ѓорѓи Георгиоски, член на Комитет за заштита на природното и културното наследство на Македонија.

„Би сакал само да упатам едно јавно прашање до Бехтел и Енка. Зошто вашиот човек секое утро незаконски во 6.30 часот не снима. Ве поздравуваме со само едно нешто, ние тука се браниме, не напаѓаме никого. Вие напаѓате, а ние се браниме“, кажа Дејан Ачкоски, жител на село Оревоец.

Жителите велат дека блокадите ќе траат се до конечно разрешување на проблемот.