Македонија
2. October 2024 - 17:06

Пожар во подрум на десеткатница во Чаир, затруени со чад повеќе од 40 лица

Со часови траеше евакуацијата на станарите од  висококатницата во Чаир  каде ноќеска избувна пожар. 12 деца и 30 возрасни поради гушење со чад  со итната помош се пренесени на државната клиника.  

Меѓу нив најмладото е 5 месечно бебе, бремена жена, возрасни лица со попреченост и еден пожарникар. На сите им е укажана помош со кислородна поддршка, со полесни последици 6мина се задржани во болница.

Ќе бидат задржани до утре две деца, 30 мажи и жени, 4 пациенти со потешка клиничка слика и повозрасни задржани на клиника

Пожарот во подрумските простории избувнал во 2 часот по полноќ. Станарите слушнале експлозија а брзо потоа го почувствувале густиот чад. Станарите кои биле будни реагирале додека системот за тревоги кој постои во зградата велат не се вклучил воопшто.

Пожарната пристигнала веднаш но пламенот брзо се ширел. Од службата велат се работи за превисока температура во подземен простор и ќе биде потребна целодневна интервенција.

 Оние од подолните катови на зградата успеале брзо да излезат  но останатите останале заробени внатре. Дел чекаа на  покривот од зградата од каде беа евакуирани со противпожарната скала. Последниот беше извлечен околу 10 часот претпладне.

Во подрумските простории имало магацин на фирма за осветлување, полн со пластики и електронски уреди. Што го предизвикало пожарот се уште не е познато. На терен беа присутни и управителите на фирмата но не сакаа да зборуваат пред камера. Зградата е обезбедена од полицијата а станарите од десеткатницата до утре нема да можат да се вратат во своите домови.