Еден авион дневно ќе слетува на скопскиот аеродром: Германски туроператор ќе носи 35.000 туристи годишно
По еден авион дневно ќе слетува на скопскиот аеродром. Германски туроператор годишно ќе носи по 35.000 туристи од Германија, Франција и Велика Британија во земјава. Владата постигна договор со германската „РСД“, која ќе организира балкански културно-туристички тури кои ќе почнуваат и завршуваат во Скопје.
По пристигнувањето ќе преноќат во главниот град, по што ќе продолжат на патување кон Црна Гора и Албанија. Оттаму ќе отидат во Охрид, каде исто така ќе преноќат, а последните две ноќи ќе ги поминат во Скопје.
Според проекциите на Владата, во официјалната статистика со оваа соработка ќе се впишат дополнителни 140.000 ноќевања годишно.
-Според просекот којшто досега е направен врз искуствата во минатите години работа на оваа компанија, тоа би значело дополнително околу 30 милиони евра директни трошења овде кај нас од страна на овие гости коишто ќе не посетат или заедно ако тука го вкалкулираме и сместувањето и останатите трошоци, превозот и слично, можеме дури и да дојдеме и до бројката од 50 милиони евра, вели премиерот.
Намерата на Владата е во наредните години да се удвои бројот на туристи кои ќе доаѓаат преку германската „РСД“. Но премиерот вели, странците имаат свои барања.
-Гостите имаат и свои побарувања во делот на квалитетот на сместувачките капацитети, треба и ние како држава да подржиме таков тип на сместувачки капацитети коишто ќе бидат атрактивни за овој тип на гости, вели Мицкоски.
Доколку планот се оствари, тоа би значело дека овие туристи ќе сочинуваат помеѓу 10 и 15% од вкупниот број на странци кои годишно ја посетуваат Македонија.
Во последните седум месеци македонија ја посетиле 450.000 странци. Според државната статистика, странците во просек спијат по две вечери во земјава. Најбројни се туристите од Турција, Србија, Полска, Германија. Македонија досега не беше привлечна за туристите од Франција и Велика Британија.
-
Даниел Арсов
Сите содржини од овој новинар