Македонија
10. February 2025 - 16:36

Откриени високи маржи кај маркетите и увозниците, извештајот на Пазарна утре на владина седница

Пазарниот инспекторат го скрои извештајот - кај маркетите забележани се маржи на основните производи од 5 до 20%. Кај другите продукти, маржите оделе од 25, па до над 35 отсто. Кај увозниците, односно дистрибутерите маржите се движеле од 20 до над 40%. Направена била конторла на над 700 продажни места, меѓу нив и 10 големи ланци маркети. Проверени се бројки за период од септември до крајот на јануари. Извештајот ќе се разгледува на утрешната владина седница, по која ќе се знае дали ќе се преземат интервентни мерки.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи предлага Владата да ги замрзне цените најмалку три месеца, а паралелно целосно да се спроведе законот за нефер трговски практики. 

„Замрзнување на цените, намалување на маржите на добивка, евентуално и други лимитирања кои ќе одат на грбот на стопанствениците, не на граѓаните и не на државата. Плус спроведување на законот за нефер трговски практики. Само еден таков начин ќе ги намали цените некаде до 30% од сегашните цени“ – Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања и пратеник на СДСМ

Според Битиќи, надлежните треба да ги проверат и цените во аптеките.

„Ние знаеме дека и ланците на аптеки, иако дел од цените на лековите се дефинирани, но има суплементи коу луѓето ги користат, мислам дека играта е иста. Однесувањето е исто“– Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања и пратеник на СДСМ

Од пазарниот инспекторат велат дека засега не се планирани контроли во аптеките, но се во постојана комуникација со Фондот за здравство.

Во наредниот период инспекторите ќе ги чешлаат месната и млечната индустрија.

Поради високите цени, граѓаните двапати ги бојкотираа маркетите, а од сојузот на стопански комори кажаа дека виновни за поскапувањето се производителите и дистрибутерите поради повиоските ценовници.