Македонија
28. February 2025 - 16:36

Почнуваат карневалските денови

Со отворањето на традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, изработени од страна на учениците од сите основни училишта од овој град официјално започнаа карневалските денови за празникот Прочка. Публиката имаше можност да погледне стотици прекрасни ракотворби, а најдобрите добија и награди.

„Маската започнав да ја правам пред 2 недели и истата ја направив од природни материјали. Така ми дојде идејата, само ја правев маската искренои не мислев дека ќе освојам награда. Учествувам секоја година од мое 6-ти одделение, ова е прв пат да освојам награда“, рече Хана Ајровиќ, ООУ „Пере Тошев“, село Десово.

„Сакав со оваа маска да кажам дека цигарите се штетни. И да не се пуши толку многу цигари. Ова ми е трет пат да добијам награда, за оваа маска се употребени 2.500 филтри, вуница, тутун, тутунски конец, 2 недели ја правев ми помогна мајка ми“, вели Матеј Тодоров, ученик во ООУ „Блаже Конески“ Прилеп.

„Благодарност за прво освоената награда за категортија од 1 до 5 одделение, оваа награда е за 4 одделение од ООУ „Добре Јованоски“, таа е доказ за големиот вложен труд на учениците за нивната креативност. Учествуваа во сите процеси на изработка од идеја до крајот на реализацијата“, кажа Марина Калевска, наставничка во ООУ „Добре Јованоски“ Прилеп.

Од Комисијата која ги оценуваше маските велат дека имале навистина тешка работа за да го изберат победникот, затоа што оваа година имало навистина огромен број креации кои биле прекрасно изработени и заслужувале награда.

„Ко новитет оваа година наградени се учениците кои имаат иновативни маски. Инаку предност му дадовме на иновациите на учениците на нивните рачни изработки“, истакна Анита Јовеска, член на жири Комисија.

„Не го разбираме ова како изложба на умесност или како изложба на креативност туку ова е и едно продолжување на традицијата. Сето ова создава впелаток дека стварно Прилеп го заслужува традиционалниот ден на Прочка. Ги поканувам сите на дефилето на нашиот плоштад“, додаде Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Централната манифестација ќе се случи во недела со дефиле на 30-тина групни и поединечни маски во центарот на Прилеп, кое ќе започне од пред Центарот за култура, а маскираните учесници ќе се движат се до плоштадот „Методија Андонов – Ченто“. 

„Дефилето ќе го предводат Мечкарите нашата традициска маска. Врз која е и заснован овој Карневал, а потоа следуваат мажуретките и сето останато шаренило на маски се парадира се до плоштадот Методија Андонов Ченто каде што ќе ги видиме нивните кореографии со музика“, истакна Снежана Ристеска, советник за култура при Општина Прилеп. 

Пријавувањето за карневалот е се уште отворено, секој оној кој не стигнал може тоа се уште да го направи.