Македонија
14. September 2019 - 9:38

Почнува 34. Меѓународен фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“

 Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“ што годинава се одржува по 34 пат денеска официјално ќе биде отворен.

Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, кој е организатор на манифестацијата, информира дека на отворањето е предвидено фолклорно дефиле и настап на сите учесници на фестивалот. Истата вечер ќе биде организирана и Македонска национална вечер на која домаќините ќе го презентираат најубавото од македонската кујна.

Уметничкиот раководител на ансамблот „Китка“, Стојко Митковски вели дека годинава се очекува присуство на 18 културно-уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Словачка, Словенија, Израел, САД, Албанија, Србија, Турција, Украина, Косово и Македонија.

– Во рамки на програмата предвидено е отворање изложба за нашиот фолклорен ансамбл, потоа традиционално рачно зажнејување ориз, како и посета и запознавање на гостите со културно-историските знаменитости на Виничко, истакнува Митковски.

По настапот во Истибања, учесниците на фестивалот ќе се претстават и пред публиката во Виница и Македонска Каменица, а до 19 септември, до кога ќе трае манифестацијата, планирано е и одржување национални вечери на секоја од земјите учеснички.

Покровител на фестивалот е општина Виница, а финансиската поддршка е обезбедена од стопанските субјекти од регионот.