Македонија
11. July 2017 - 15:40

Патувачкото кино на „МакеДокс“ од утре во Порече

Од утре до 25. овој месец во осум места во областа Порече ќе се одржува Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ - Патувачкото кино.

Фестивалот ќе се одржи во село Крапа - 12 јули, село Девич - 18 јули, село Црешнево - 19 јули, село Требино - 20 јули, село Локвица - 22 јули, село Брест - 23 јули, село Косово - 24 јули и во село Манастирец - 25 јули.

- Патувачкото кино е дел од фестивалот „МакеДокс“ уште од првата година. Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови со што е можно поголем број луѓе, екипата на „МакеДокс“ секоја година посетува нови села и помали градови во различни региони од Македонија. Патувачкото кино на „Македокс“ и оваа година ќе биде вклучено во програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран од 14 до 16 јули 2017 година, кога ќе бидат прикажани повеќе наслови од музичко-документарната филмска програма на „МакеДокс“, информираат организаторите на Фестивалот.

Првпат во рамките на Патувачкото кино ќе биде вклучена и работилница за креативен документарен филм. Со наслов „Докуникулци“ на работилницата ќе учествуваат 12 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Тетово, Прилеп и Битола. Работилницата ќе се одвива во три сесии: првата ќе се реализира на „Д-Фестивал“ и во областа Порече за време на Патувачкото кино, втората сесија ќе се случи за време на фестивалот „МакеДокс“ во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје.

Осмото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“ се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.

Во текот на изминатите седум години, колку се одржува Фестивалот, преку своите настани „МакеДокс“ успеа да допре до вкупно 117.900 гледачи, од кои 30.000 за време на фестивалот во Скопје, околу 80.000 како дел од образовната програма за деца и млади, околу 6.900 кои присуствуваа на проекциите за време на Патувачкото кино во 52 помали населени места низ Македонија и на околу 1.000 посетители на проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на „МакеДокс“.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Скопје.

Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“ своите активности ги реализира низ повеќе платформи, како Фестивалот „МакеДокс“, Патувачкото кино, едукативните „Ние сме визуелни“, „АКТив“, „МакеДокс во училница“, Младински филмски клубови, „МакеДокс Кино-викенд(и)“, како и со членството во Балканската дистрибутивна документарна мрежа (БДДМ).