Директорите незаконски си ги зголемиле платите додека Пошта тоне во длабока финаниска криза
Пошта тоне во долгови и загуби, а тоа не ги спречило директорите лани да си ги зголемат платите, покажува најновиот извештај на Државна ревизија. Работата тргнала надолу во 2017-та и оттогаш постојано има загуби. Најлошо било пред две години со минус од речиси 4 милиони евра.
„Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат над 219 милиони денари“, пишува во извештајот.
И покрај ваквите бројки, во период кога вработените штрајкуваа поради неисплатени и ниски плати, директорите си ги зголемиле само своите примања.
„Во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва“.
Директорот Куртиши кој беше назначен пред околу три месеца, вели платите на директорите во Пошта се најниски во споредба со другите институции.
„Платата на еден директор се движи како поранешните, пред да се покачат 78%, околу 80 илјади, плус-минус, а просечната плата се движи 35-36 илјади“ – изјави Орхан Куртиши, генерален директор на Пошта.
Пошта склучила договор со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, биле ангажирани за други административни работи. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените.
Куртиши вели дека новото раководство открило и најмалку стотина лица кои примале плата, а не доаѓале на работа, за кои рече дека ќе бидат предмет на истрага.
„Нема повеќе да дозволиме некој да си зема плата и да си седи дома. Ова веќе го нема нигде во светот, го нема ни кај нас“ – додаде Куртиши, генерален директор на Пошта.
Според ревизорите, лани едвај 60% од пратките биле доставени на време. Над 70% од фирмите и 40% од граѓаните биле незадоволни од поштенските услуги поради нередовна и несоодветна достава.
„Беа собрани околу 600 илјади пратки од Али Експрес, од мај месец до септември ништо не се работеше. Успеавме за три недели да ги процесираме тие пратки и веќе немаме пратки што стојат во Пошта. Со исти луѓе, само со добра реорганизација“ – изјави Куртиши.
Ревизорите укажале дека е потребна поголема соработка меѓу институциите за обнова на руинираните делови од опожарената зграда. Велат објектот кој се наоѓа на листата најзагрозени споменици во Европа, цена деценија е изложен на неповолни надворешни влијанија со што состојбата постојано се влошува.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар