Пандов: Околу 200 затвореници се водат дека се во бегство
Работното ангажирање е најдобриот начин за ресоцијализација на затворениците, смета в.д. директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Во интервју за МИА тој вели дека ќе се обиде законски да интервенира во делот на работно ангажирање на затворениците со цел тоа да се користи почесто.
- Имам забелешки на последниот закон, направен сега во април. Планирам во наредниот период да побарам измени на одредени точки, или вметнување на нови. Забелешка е тоа што кај нас, доколку говориме дека имаме 2 400 затвореници, мислам дека околу 100 се само работно ангажирани. Моите насоки кон директорите на затворите се да се обидат да постигнат договори со градоначалниците, со други фирми, што поголем број на затвореници да бидат работно ангажирани, рече Пандов.
Директорот информираше дека наследената состојба на затвореници евидентирани во бегство е околу 200, додека, во однос на прашањето дали постои гаранција дека ќе се вратат затворениците на кои тој им одобри прекин на издржување на казната, помеѓу кои имаше и осуденици од „27 април“, одговори дека нема гаранција и доколку не се вратат се во бегство.
- На најголем дел од нив веќе им се завршени прекините и се вратени во затворите. Не мал дел од нив, во меѓувреме, имаат побарано од судовите да им се издадат подолги прекини. Како најзвучно име за кое имаше прекин е поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Во меѓувреме, господинот Чавков, јас колку што сум информиран од затворот, има добиено тримесечен прекин, му завршува во ноември, и не мал дел од другите лица осудени за 27 април имаат добиено од судовите повторно прекини, некој на месец, некој на два. Гаранција не постои, како за секој кој што со закон ќе биде пратен на 30-45 или 60 дена, кога ќе го пуштиме на викенд, ако не е вратен, тоа значи дека е во бегство, ние веднаш го информираме Министерството за внатрешни работи и тој осуденик се води како во бегство, појасни Пандов.
Целото интервју со директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, во кое, меѓу другото, се осврнува и на состојбата на затворите низ државава, како и на решавање на проблемот со пренатрупаност и дефицит на затворска полиција, МИА ќе го објави в сабота.
Ново на Сител
-
Инспекторите во Струмица вчера казнија три лица за согорување отпад од електрични кабли
-
Пожар избувна во хотел во Лондон, евакуирани 100 луѓе
-
Зеленски: Дојде време да се формираат „европски вооружени сили“
-
На граничниот премин „Блаце“ уапсен Косовец - го барале од Интерпол
-
51-годишен маж тешко повреден откако со возило излетал надвор од пат
-
Од 19 февруари ќе се работи на патот кај Лагадин
-
Синер суспендиран на три месеци
-
Шолц: Германија не прифаќа странско мешање во нејзината демократија