Македонија
28. November 2023 - 10:09

Отповикани повеќе судења на Кривичен поради Самитот на ОБСЕ

Самитот на ОБСЕ што се одржува во Скопје отповика неколку термини на закажани рочишта во Основниот кривичен суд Скопје, помеѓу кои се и судењата за „Ласкарци“, „Жан Митрев“ и „Титаник“.

Претходно закажаниот термин за главна расправа за сообраќајната несреќа кај Ласкарци на 30 ноември беше отповикан поради одлуката на Владата за неработен ден. Судењето ќе продолжи на 14 декември во 9:30 часот.

Глaвната расправа за предметот поврзан со приватна здравствена установа „Жан Митрев“ насрочена за утре, исто така, се отповика, поради одлуката на Владата да се работи со скратено работно време и ќе продолжи на 15 декември во 12 часот.

Се отповика и рочиштето за изборните нерегуларности, „Титаник“, насрочено за 30 ноември, кое ќе продолжи на 12 декември од 10 часот.

Како што информираат од Основен кривичен суд Скопје, за сите останати судења насрочени во судот за 29 ноември по 12 часот и на 30 ноември за време на целиот ден, кои ќе се одложат заради одлуката на Владата на РСМ, странките ќе добијат дополнителни известувања кога ќе продолжат со расправите.