Македонија
10. May 2024 - 16:51

Почнуваат преговорите, три до четири министерства за ВРЕДИ во новата Влада

Три до четири министерски места и еден вицепремиер веројатно ќе биде делот од кадровскиот колач во првиот ешалон кој ќе и припадне на коалицијата Вреди. Како што неофицијално дознава Сител, министерството за здравство било прв пик на Таравари и во него, најсериозен кандидат за старо нов министер е Фатмир Меџити. Коалицијата Вреди веројатно ќе го добие и вицепремиерското место на Артан Груби во Политички систем, додека партијата на Гаши веројатно ќе оди со свој кадар во Економија. Место ќе има и за кадар на партијата на Касами кој ќе се всели во Министерството за култура или за локална самоуправа.  Коалицијата Вреди неофицијално го барала и директорското место во Царина, како и уште неколку заменик министри.

Во ВМРО-ДПМНЕ се чини најсигурни засега се министерските места на Цветан Трипуновски во Земјоделие и Ѓоко Велковски во Труд и социјала. Потпретседателот Мисајловски веројатно ќе биде старо нов министер за Транспорт и врски а за очекување е потпретседател на владата за европски прашања да стане другиот потпретседател Александар Николоски. Големи се шансите Панче Тошковски да остане министер за внатрешни работи иако и самиот покажувал повеќе афинитети кон министерството за правда.
За Министер за надворешни работи во овој момент најсериозни кандидат се Антонио Милошоски и Тимчо Муцунски кој пак се уште не донел одлука дали е подготвен од локалната да се пресели во централната власт.

За министерството за финансии во моментов во игра се три имиња. Гордана Димитриевска Кочовска, Трајко Славески и Маја Кадиевска Војновиќ важат за најсериозни кандидати иако Војновиќ со своето искуство би можела да цели и на гувернерското место во нардоната банка имајќи предвид дека мандатот на актуелниот гувернер истекува идната година.
Големи се шансите во извршната власт да влезе и Дафина Стојановска особено што нејзиниот трансфер од собранието во владата ќе отвори место во законодавниот дом да влезе пратеник од турската заедница што на ВМРО-ДПМНЕ ќе му ги подобри позициите во законите што се гласат со бадентерово мнозинство.
Место на Илинденска ќе му се нуди и на  Генреалниот секретар Сајковски кој пак е можно и самиот да реши да остане надвор од владата за да и се посвети на партијата.

Високи партиски извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за позицијата Претседател на Собранието со оваа бројка на пратеници не може да биде предмет на преговори.
Покана за влез во владата очекуваат и во ЗНАМ иако и самите се свесни дека со оваа бројка на пратеници не може да очекуваат голем дел од колачот. Сепак, знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе цели кон двотретинско мнозинство па тука ја гледаат и својата шанса. Извори од таму за Сител велат дека принципите им се поважни од функциите и дека во ВМРО-ДПМНЕ има солиден кадровски капацитет со кој би можеле да соработуваат.
Официјалниот старт на преговорите почнува денеска со состанок на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ а средби со партиските лидери на ВРЕДИ и евентуално ЗНАМ би имало од понеделник.