Балкан
16. July 2016 - 14:43

Оставени од сите: Се убиле 35 жиранти, а илјадници се измамени

Во БиХ моментално околу 130.000 жиранти отплаќаат рати на должници кои во моментот на одобрување на кредитот веќе биле презадолжени, т.е. кредитно неспособни.

Ова го тврди Здружението за заштита на жирантите во БиХ, кои потенцираат дека мака мачат околу 200.000 граѓани со отплата на туѓи кредити.

- Две третини од нив практично се измамени, бидејќи кога потпишувале договори, банките не ги запознале со презадолженоста на должникот. Сега тие луѓе се во состојба да се плашат што ќе биде со нивниот имот – вели за „ЕуроБлиц‟ претседателот на ова здружение Јовица Цвјетковиќ. Според неговите зборови, поради неможност да ги отплаќаат кредитите тие кои подигнале пари и ги потрошиле, во БиХ во изминатите години се самоубиле околу 35 жиранти.

- Останатите се плашат од судски пресуди кои главно одат на нивна штета. Така оваа година, поради неисплатување на кредити, банките само на територијата на Шамац ќе продадат дури 150 куќи и станови, од кои 70 отсто станбени единици на жиранти – вели Цвјетковиќ.

Анализата на наведеното здружение покажува дека секој од жирантите годишно во просек отплаќа околу 2.000 КМ туѓ долг. Потсетуваат дека најголемата експанзија на сомнителни кредити, кои се земани на рок на отплата од 5 до 10 години, била во периодот од 2005 до 2008 година.

- Со цел да заштитиме барем некои од нив од заплена на имот, бараме надлежните институции прво да ги исцрпат сите механизми за наплата од должниците, па дури потоа да одат на имотот на жирантот. Во спротивно, многу од нас начисто ќе пропаднат и финансиски и здравствено – истакна Цвјетковиќ.

Во Здружението на банките на БиХ признаваат дека порано се случувало на должник кој имал и по десет кредити да му се одобри нов, но дека се работи за исклучително ретки случаи.

- Жирантите кои сметаат дека се измамени имаат право да го тужат должникот и така да наплатат се што платиле за него. Меѓутоа, ова право малку кој го користи. Од друга страна, банките во последно време се почесто како гарант на отплатата ги користат хипотеките или полисите за осигурување – истакна за „ЕуроБлиц‟ претседателот на Здружението на банки во БиХ Мијо Мишиќ. 

Блиц - Белград