Остар пад на индексите на Волстрит откако Трамп објави царини
Цените на акциите на Волстрит вчера пораснаа, но откако американскиот претседател Доналд Трамп објави реципрочни царини повисоки од очекуваните, индексите нагло паднаа.
Индексот Доу Џоунс (Dow Jones) вчера зајакна 0,56 отсто, на 42.225 поени, додека СиП 500 (S&P 500) порасна за 0,67 отсто, на 5.670 поени, а индексот Насдак (Nasdaq) за 0,87 отсто, на 17.601 поен.
Откако тргувањето беше нестабилно цел ден, кон крајот на тргувањето, индексите вчера завршија во позитива благодарение на надежта на инвеститорите дека Трамп ќе биде попустлив по прашањето за новите царини.
Но, по затворањето на Волстрит, фјучерсите на СиП 500 потонаа за повеќе од три отсто, а Насдак повеќе од четири посто, бидејќи Трамп објави реципрочни царини повисоки од очекуваните.
Така, од 5 април ќе се наплаќа царина од 10 отсто на целиот увоз, а дополнителни царини ќе се применуваат за увозот од земјите со кои САД имаат најголем трговски дефицит.
Увозот од Кина, кој веќе подлежи на царини од 20 отсто, во иднина ќе подлежи на дополнителни давачки од 34 отсто, 24 отсто за увоз од Јапонија, 26 отсто од Индија, 25 отсто од Јужна Кореја и 20 отсто од Европската унија.
Поради тоа, цените на акциите на азиските берзи остро паднаа утрово. Јапонскиот индекс Никеи беше во минус од 2,7 отсто околу 4:30 часот, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 1,1 и 1,6 отсто.
Бидејќи многу земји, вклучувајќи ги Кина, Канада и ЕУ, најавија контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна, што може да предизвика зголемување на инфлацијата и забавување на растот во најголемите економии, па дури и рецесија.
- Најавените царини далеку ги надминуваат основните очекувања и доколку преговорите за нивно намалување не се започнат веднаш, очекувањата за рецесија во американската економија драстично ќе се зголемат, вели Тони Сајкамор, аналитичар во IG Market.
Поради неизвесноста на финансиските пазари утринава пораснаа курсевите на јапонскиот јен и на швајцарскиот франк, валути кои во неизвесни времиња важат за побезбедно засолниште за капиталот, додека вредноста на американскиот долар значително падна.
Цената на златото, кое се смета и за безбедно засолниште, се движи на рекордно ниво, над 3.160 долари за унца.
Очигледно е, велат аналитичарите, дека ќе следи тежок ден на светските берзи бидејќи американските царини ќе наштетат на меѓународната трговија и на економскиот раст.
Со оглед на тоа што ќе се наплаќаат царини од 10 проценти за целиот увоз во САД, како и дополнителни царини за увоз од одредени земји од 20 проценти, па дури и повеќе, веројатно ќе се зголеми и инфлацијата.
-Ефективната тарифна стапка за сите американски увози се чини дека го достигна највисокото ниво во повеќе од еден век, рече Бен Вилтшир, стратег во Сити.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции
-
Села ја сака Алијанса но без Таравари - ВМРО ДПМНЕ убедена во победа на изборите
-
МВ: Граѓаните сметаат дека институциите ефикасно се справија со трагедијата во Кочани
-
Семакедонски собир во Mелник: 110 години од убиството на Пиринскиот цар – Јане Сандански
-
Хуманитарна аукција за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани
-
Повредени од трагедијата во Кочани продолжија со рехабилитација во специјализирани странски центри
-
Фотоволтаиците стануваат главен соујзник на земјоделците, а кај нас тоа е табу тема
-
Дивите депонии се сериозна закана за здравјето на граѓаните