Македонија
15. October 2020 - 11:32

Османи: Заслужуваме почеток на преговори без никакво дополнително одложување и натамошно оспорување

Македонија, врз основа на сопствените заслуги, без никакво дополнително одложување и натамошно оспорување, категорично заслужува да ги започне преговорите за членство во Европската унија, потенцирал министерот за надворешни работи Бујар Османи на видео средба со неговиот колега од Летонија Едгарс  Ринкевичс.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Османи истакнал дека нашата држава очекува поддршка од Летонија за почеток на преговорите.

-Летонија е искрен пријател на Македонија и вокален промотор на политиката на проширување на ЕУ. Видлива и одржлива европска перспектива на Македонија ќе значи заокружување на проектот за обединување и интеграција на регионот во ЕУ, што пак ќе биде глобална придобивка за траен мир, безбедност и просперитет на европскиот континент, нагласил Османи.

Според него, почетокот на преговорите е значаен чекор не само за нас, туку и за целиот регион.

-Ќе даде поинаков импулс на целиот процес и ќе ја тестира новата методологија за водење на преговорите за која Летонија и сите останати земји-членки на Унијата вложија толку многу труд, рекол Османи.

Министерот Ринкевичс, информираат од МНР, искажа увереност дека одличните билатерални односи и соработка ќе продолжат и во иднина, преку интензивирање на соработката имајќи ги предвид потенцијалите во трговијата и енергетиката, како и можностите што ги дава проектната и бизнис соработка во рамките на Иницијативата Три мориња.

На средбата се разговарало и за забрзување на постапките за склучување одредени билатерални договори и биле разменети мислења за состојбите во регионот.