Македонија
31. August 2022 - 16:32

Опозицијата поднесе барање за формирање анкетна комисија за трошењата во криза

Ден пред стартот на енергетската кризна состојба опозицијата бара формирање на  собраниска анкетна комисија. Нејзина задача ќе биде да ги контролира парите кои ќе ги потроши државата за справување со кризата, но и да бара одговори за сите досега потрошени средства. ВМРО-ДПМНЕ вели дека Македонија е рекордер по воведување на кризни состојби, што отвора сомнеж дека парите на граѓаните не се трошат за подобрување на животниот стандард, туку за делење на криминални тендери.

Повторно прогласување на нова енергетска кризна состојба како и досегашните ќе бидат или со мал или без никаков ефект за подобрување на животниот стандарт на граѓаните. Владата и оваа кризна состојба ќе ја искористи за делење на тендери во четири очи на новоформираните фирми за ископ и транспорт на јаглен блиски до власта. Наша обврска како пратеници е да вршиме надзор врз работата односно неработата на Владата, да провериме каде и како до сега се потрошени парите за ублажување на енергетската кризна состојба и како и каде се планираат да се потрошат парите за евентуално нова енергетска кризна состојба која ја најави власта“, рече Јаревски.

СДСМ пак преку документи тврди ВМРО-ДПМНЕ нема кредибилитет да зборува за енергетика, бидејќи Мицкоски пред 5 години купувал струја и до 4 пати поскапа од онаа на светските берзи. За разлика од тогаш, според власта, денес домашното производство на струја е на највисоко ниво.

Во време кога немало никаква енергетска криза, ниту пак високи цени, и кога струјата вообичаено можела да се набави по околу 50 или 60 евра. Иако производната цена на ЕСМ во тој период била 45 евра за мегаватчас Мицкоски купувал и по и и по 220 евра.  Тоа е разлика од околу 3 милиони евра, директно врз грбот на граѓаните. Да ја произведел таа енергија од домашно производство, наместо да ја купи, немало да ја оштети граѓаните и да морале да платат речиси три милиони евра повеќе, вели Дарко Каевски, портпарол на СДСМ

Со конкретни мерки за помош на граѓаните и стопанството излезе и коалицискиот партнер на СДСМ, Демократски сојуз. Оттаму бараат државата да го субенционира поскапувањето на електричната енергија за 90% за граѓаните и компаниите или разликата во цената компаниите да ја плаќаат пет години по престанување на енергетската криза. Сметаат дека ова, заедно со социјален пакет за најранливите категории граѓани треба да биде приоритет за Собранието.

Енергетската кризна состојба која ќе трае од утре до крајот на септември, ќе треба да ја продолжат пратениците.