Македонија
11. May 2024 - 16:33

Тројца министри за здравство стануваат пратеници

Прво министри, сега пратеници. Од кабинетски фотелји седнуваат во собраниски столчиња. Тројца од четворицата први луѓе во здравството во последните 3 години според првичните резултати добиваат пратенички мандати. Венко Филипче од СДСМ и коалицијата како носител во ИЕ 4, Беким Сали од коалицијата “ВРЕДИ” како втор во едеиницата и се уште актуелниот министер за здравство Илир Демири од коалицијата “Европски фронт” како 7 ми во 6-ката.

Побаравме став од сите тројца дали ќе бидат активни пратеници и кои се нивните приоритети како народни избраници.

- Да, ќе функционирам како пратеник и ќе се трудам да се реализира тоа што го дадов како ветување на граѓаните. Еден од првите ангажмани во парламентот ќе ми биде поднесување на амандмани и измени на законот за здравствена заштита за решавање на статусот на приватните специјализанти, вели Венко Филипче.

- Ќе бидам конструктивен пратеник. Во новиот парламентарен состав помеѓу првите ангажмани ќе се залагам и ќе инсистирам да се донесат четири закони кои беа поднесени во собранието уште кога бев министер. За жал, за истите досега не беше  почната никаква процедура. Сакавме за прв пат да донесеме и закон за сестринство за медицинските сестри, изјави Беким Сали.

- Јас повеќе би функционирал како министер доколку имам можност за тоа. Тука се гледам себе си. Само уште 2 години да имам мандат ќе изградам 4 региионални центри низ државата за да не патуваат пациентите повеќе од 50 километри. Но, и како пратеник ќе се залагам за реформи за подобар здравствен систем, ни изјави Илир Демири кој се уште е министер.

Аналитичарот Благојче Атанасовски смета дека политиката е полесен начин да се задоволат апетитите и да се реализира професионалниот пат, но разочарувачки е што се повеќе лекари стануваат политичари.

-  Ако сте пратеник немате толкава одговорност како министер за здравство или да се вратите на вашата примарна професија, но од друга страна се поставува прашањето дали условно кажано бегство на поранешни министри за здравство во пратенички клупи е еден вид добивање на пратенички имунитет. Бидејќи здравството како ресор секогаш било тангирано како еден од најкорумпираните министерски ресори. Но разочарувачки е што ја напуштаат својата примарна професија и влегуваат во политика, изјави Благојче Атанасовски.

Покрај министрите добитно место во идниот парламентарен состав има и поранешниот заменик Илир Хасани. А лекари пратеници има и коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ.