Македонија
30. August 2024 - 11:31

Обвинителството не нашло одговорност кај Беким Максути за несервисираните „Ер трактори“ на ДЗС

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути нема да одговара за несервисираните „ер трактори“ кои не беа во функција за време на големите пожари летото 2021 година. 

Обвинителството, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од „Левица“, не нашло елементи за кривично дело ниту за постапките за јавни набавки за поправка и сервисирање на авионите, ниту дека Максути несовесно работел.

-Пo поднесената пријава од една политичка партија, постапуваше јавен обвинител ОЈО ГОКК кој во предистражна постапка прибави материјални докази од кои произлезе дека во дејствијата преземени од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување нема елементи на законско битие на кривично дело што е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи прибраните докази упатуваат на фактот дека постапките за јавните набавки за поправка и сервисирање на авионите во 2020 и 2021 година биле спроведени во согласност со одредбите од Законот за јавните набавки. Во однос на евентуално постоење на кривичното дело Несовесно работење во служба од чл. 353 – в од КЗ предметот беше доставен на надлежност на ОЈО Скопје, каде јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавениот не се содржани елементи на наведеното кривично дело, потврдуваат за МИА од Обвинителството.

Од Обвинитлество, исто така, информираат дека во Основното јавно обвинителство Скопје е оформен предмет врз основа на извештај Ревизија на успешност „Систем за управување со кризи и заштита од пожари“ од Државниот завод за ревизија, кој е во фаза на предистражна постапка.

-Предметот е во фаза на предистражна постапка, а надлежен јавен обвинител има издадено наредба до Управата за финансиска полиција за да изврши соодветни проверки. По наредбата се уште се постапува. Во однос на актуелните пожари, надлежните јавни обвинителства постапуваат по сите поднесени кривични пријави од надлежни органи кои откриле конкретни сторители кои што намерно предизвикале пожар, информираат од Обвинителство.

Авионите „ер трактор“, со кои може да се дејствува од воздух за гаснење на шумските пожари, останаа приземјени во 2021 година. Тогаш Максути откри дека канадерите не биле во функција две години зашто немало кој да ги сервисира, односно немало фирма што е овластена за да им направи сервис.

Проблемот со „Ер тракторите“ беше актуелен и годинава, кога тие беа сервисирани, но немаше пилоти, поради пензионирање на двајца. Со одлука на Влада, тие беа повторно ангажирани со договор на дело.