Македонија
14. December 2017 - 12:18

Обезбедена финансиска поддршка за центри за згрижување деца во Кавадарци и Скопје

На овогодинешниот Фестивал на младо вино Винарската визба „Тиквеш“ организираше и донаторска акција, на која беа собрани 240.000 денари.

Овие средства се наменети за поддршка на функционирањето на домот за деца без родители и родителска грижа и воспитно запуштени деца во Кавадарци, како и за Центарот „ЦЕДУЗ“ од Скопје кој обезбедува поддршка, едукација и стимулација на психомоторниот развој на деца со посебни потреби и нарушувања, како што се аутизам, проблеми со говорот, потешкотии во моторниот развој и друго.

„Тиквеш“ ги мотивираше сите посетители на фестивалот да донираат средства, со тоа што винарницата за секој донатор обезбеди подарок младо вино. 

Винарската визба „Тиквеш“ е општествено одговорна компанија која преку бројни проекти и донации перманентно вложува во заедницата на која ѝ припаѓа. Компанијата во континуитет обезбедува поддршка на значајни културно - уметнички манифестации, настани од едукативен карактер, како и хуманитарни активности, се наведува во соопштението на „Тиквеш“.