Македонија
25. May 2024 - 16:38

Нов хаос на Клинички, цела ноќ ќе нема вода - операции не се прават и во кумановската болница

Цела ноќ Клинички ќе нема вода. По затворањето на операционите сали поради непријатна миризба од цевководот за кислород веќе 8-ми ден, водоснабдувањето е нов проблем за нормалното функционирање на клиниките во Комплексот. Од Водовод информираа дека вечерва ќе вршат реконструкција на водоводна мрежа во тој реон. А освен Клиничкиот центар без вода ќе остане и Клиниката за деца “Козле”.

  • За покривање на потребите за вода за пиење во здравствените установи цистерни со питка вода ќе бидат поставени пред Клинички Центар „Мајка Тереза“ и Детската болница „Козле“. Исто така цистерни со вода за пиење ќе бидат подготвени во Дежурната служба на Водовод Скопје, кои на повик ќе гравитираат врз основа на потребите на граѓаните од реоните Сарај и Водно во периодот од 21 до 05 часот, соопштија од јавното претпријатие.

Не само во хируршкиот блок на Клинички, операции не се изведуваат и во Кумановската болница. Невремето од пред неколку дена предизвика проблеми во водата во овој крај. Здравствената установа функционира во вонредни услови. Ограничен е бројот на хоспитализирани пациенти, оние кај кои состојбата дозволува се пуштаат дома, а итните случаи се препраќаат во Скопје. Во болницата не се врши ниту породување.

  • Ние во болницата работиме во вонредни услови, по насоки од министерството за здравство ги насочуваме нашите пациенти според нивната симптоматологија на одредени Клиники и болници во Скопје, изјави Биљана Ивановска, директор на општа болница Куманово.

Итните пациенти од хируршките клиники и тие од Куманово ги преполнија ГОБ 8 септември и Клиниката за хируршки болести “Свети Наум Охридски”.

  • Со оглед на настанатата ситуација на Клинички. Кај нас е евидентно удвоен бројот на амбулантски прегледи во текот на целиот деен и во доцните вечерни часови. Што се однесува до бројот на интервенции тој не е зголемен бидејќи ние ги откажавме сите хронични –елективни случаи и се ориентиравме за евентуален наплив на итни пациенти, изјави д-р Љубен Арсенков, директор на Клиника за хируршки болести "Свети Наум Охридски".

И денеска молк од здравствените власти кога повторно ќе профункционира оперативниот блок на Клинички, ниту што е точната причина за смрдеата која се шири во салите и дали некој ќе понесе одговорност.

Во меѓувреме само за многу итни случаи кои не можат да се транспортираат до други установи приспособени се 3 сали со компресори за воздух.