Преглед на вестите од светот
Претседателот на САД, Доналд Трамп на средбата со британскиот премиер Кир Стармер изјави дека прво сака да се постигне договор за прекин на огнот во Украина, пред да се разговара за распоредување на мировни сили. Стармер ги повика САД да осигурат безбедносен „заштитен механизам“ за кои било европски сили кои би биле дел од евентуалната мировна мисија во Украина.
Но американскиот претседател изјави дека договорот за минерали со Украина е безбедносната гаранција што му е потребна на Киев против Русија, отфрлајќи ја молбата на британскиот премиер Кир Стармер за дополнителна американска воена поддршка.
Трамп најави дека денеска ќе потпише договор за експлоатација на украинските минерални ресурси со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Американскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање се обиде да ја минимизира својата неодамнешна изјава дека Зеленски е диктатор, тврдејќи дека има „многу добри односи“ со Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на одборот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) дека првите контакти со администрцијата на американскиот претседател Доналд Трамп влеваат одредена надеж.
Постои желба да се работи на обновување на меѓудржавните односи, кон постепено решавање на огромниот број акумулирани системски, стратешки проблеми во глобалната безбедносна архитектура, изјави Путин. Рускиот лидер нагласи дека „токму овие проблеми во еден момент предизвикаа и криза во Украина и други кризи“. Путин посочи и дека Русија и САД се подготвени да соработуваат, но некои западни политички елити ќе се обидат да го поткопаат дијалогот меѓу нив.
Во напад на автобуска постојка во северен Израел во четвртокот беа повредени 14 лица, од кои едно критично. Израелската полиција соопшти дека осомничениот напаѓач имал националистички мотиви и бил Палестинец од Џенин на северот на Западниот Брег, окупиран од Израел. Во текот на вчерашниот ден имаше уште еден напад.
Израелските медиуми објавија дека 10 лица биле повредени во напад со автомобил во израелскиот пристанишен град Хаифа. Во соопштението се вели дека полициските сили пресретнале „сомнително“ возило по нападот и уапсиле еден осомничен.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар