Loading Video...
Свет
23. September 2024 - 12:14

Преглед на вестите од светот

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, го започна „Самитот на иднината“, предупредувајќи ги светските лидери дека „нашиот свет тргнува онадвор од шините и потребни се тешки одлуки за да се вратиме на вистинскиот пат“. Дводневниот самит почна вчера и ќе трае и денеска пред почетокот на Генералната дебата на Генералното собрание што ќе започне во вторник, 24 септември.

Земјите-членки на ОН во моментов преговараат за три документи: пакт за иднината, декларација за идните генерации и глобален дигитален договор.

Гутереш се залага за реформа на 15-члениот Совет за безбедност на ОН, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд и за глобалното управување со вештачката интелигенција и другите предизвици што се појавуваат.

Израелската војска утрово спроведе уште една рунда екстензивни напади врз цели на движењето Хезболах во Либан. Нападнати се села во јужен Либан од Марџајун и од Тир. Нападите го сочинуваа географски најраспространето бомбардирање што Израел го изврши истовремено од почетокот на неговиот конфликт со Хезболах пред речиси една година, паралелно со војната во Газа.  Воедно портпаролот на израелската војска Даниел Хагари ги повика жителите на јужен Либан да се држат подалеку од позициите на Хезболах.

Најмалку 22 Палестинци загинаа, а 30 други се ранети откако израелски воздушен напад погоди училиште во кое се сместени раселени лица во јужниот дел на градот Газа, соопштија здравствените власти со седиште во Газа. Најголем дел од жртвите се деца и жени, а спасувачката операција е во тек.  Училиштето припаѓа на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток, а таму се засолниле илјадници раселени Палестинци.

Бројот на палестински жртви од тековните израелски напади во Газа се искачи на 41.431, а близу 95.818 други се повредени.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа пристигна во САД каде на американскиот претседател Џо Бајден ќе му ги претстави деталите од неговиот „план за победа“ со цел да се стави крај на руската инвазија, уверувајќи дека оваа есен ќе биде одлучувачка.

Планот за победа на Украина ќе биде на масата на нашите сојузници, додаде тој. Воедно ќе се обиде да го убеди Бајден да му дозволи на Киев да користи западно оружје со долг дострел за да гаѓа цели во Русија, за што тој верува дека може да го промени текот на војната.

Зеленски ќе има и средби со двајцата кандидати на претседателските избори во САД, демократската кандидатка, потпретседателката Камала Харис и републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп.