Преглед на вестите од светот
Израелската армија и Хезболах разменија стотици ракети во текот на ноќта. Израел соопшти дека гаѓал на повеќе стотици мети на југот на Либан во најголемите ракетни напади од почетокот на војната во Газа.
Според податоците од либанските власти, најмалку едно лице загина, а десетици се повредени.
-Во последните неколку денови извршивме серија напади на Хезболах за кои не можеа ниту да замислат. Ако Хезболах досега не ја разбра пораката, ви ветувам дека ќе ја разбере, вели израелскиот претседател, Бенјамин Нетанјаху.
Хезболах возврати со повеќе од 140 ракети и дронови. Погодени се неколку позиции на северот од Израел.
Ова беше причина израелска болница да премести над 1.000 пациенти под земја. Импровизираната болница има околу 6.200 вработени кои работат на преместување на целата опрема во подземните нивоа.
-Ова е првпат. Ова е најголемата подземна болница во светот и практично можеме да пружиме поддржка на 2.200 пациенти, вели директорот на болницата.
Претходно, во воздушен напад во Бејрут Израел уби двајца високи команданти на милитантната група Хезболах.
Откако фокусот на израелската армија се сврте кон Либан, во Газа е помирно. Но Палестинците сега имаат нови проблеми. Силен дожд го погоди појасот и им ја влоши ситуацијата на илјадниците раселени Палестинци.
Шаторите се уништени, а луѓето стравуваат од зарази.
-Во војна сме цела година и побаравме Бог да ни помогне. Но денеска страдаме со нашите деца поради дождот. Седум луѓе спиеја тука кога навлезе вода. Бараме начин да се спасиме. Бог да ни помогне за да заврши војнава…
Од почетокот на војната во Газа загинаа повеќе 41.300 Палестинци, а 2.3 милиони се раселени.
Најмалку 51 рудари загинаа при експлозија на гас во рудник за јаглен на југот од Иран. Според локалните власти, 20 рудари се повредени во експлозијата. Се спасиле само тие кои забележале чадот на време.
-Бевме во работилницата и одеднаш видов чад. Потоа не можев да дишам. Трчав од работилницата и избегав, но некои од моите пријатели не можеа, вели преживеан рудар.
Истражните органи истражуваат кои се причините за експлозијата.
-Ја истражуваме причината за инцидентот, да ги пронајдеме виновниците и да провериме дали биле почитувани безбедносните мерки за рударите. Тоа е нашиот фокус.
Иранскиот претседател вели дека ова треба да биде лекција за во иднина да се избегнат вакви катастрофи во рудниците ширум државата.
Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп одбива нова дебата со неговата противкандатка, Камала Харис. Ова дојде само неколку часа откако Харис се согласи тие да дебатираат на Си-Ен-Ен на 23 Октомври.
-Tаа беше на една дебата. Јас на две. Прекасно е за уште една. Би сакал, но прекасно е, гласањето е веќе почнато, вели Трамп.
Изборите во САД ќе се одржат на 5 ноември.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар