Милорад Додик осуден на една година затвор
Судот на Бoсна и Херцеговина го осуди претседателот на Република Српска Милорад Додик на една година затвор и шест години забрана да ја извршува функцијата претседател на Републиката. Тој е обвинет за потпишување на претседателски декрети, со кои се прогласени за валидни два неуставни закони на Република Српска, кои високиот меѓународен претставник, Кристијан Шмит претходно ги поништи.
Станува збор за закони за неприменување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и за неприменување на одлуките на високиот претставник на територијата на ентитетот на Република Српска.
Обвинет беше и директорот на Службен весник, но судот го ослободи од вина.
По пресудата, српскиот претседател Вучиќ за во 17 часот го свика советот на безбедност, а според српските медиуми, вечерва ќе отпатува и во Бања Лука на барање на Додик.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека денешната пресуда против претседателот на Република Српска „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“.
Додик не се појави на изрекувањето на пресудата, туку беше присутен на митинг пред Народното собрание на Република Српска.