Македонија
24. January 2025 - 16:39

Мицкоски следната недела ќе се сретне со синдикатот на УПОЗ

Следната недела средба меѓу премиерот Мицкоски и синдикатот на УПОЗ. Ќе ги разгледуваат барањата на синдикалците за исплата на дадатоци на плата од 30 проценти и потпишување на колективните договори. Мицкоски вели само со дијалог може да се дојде со успешно решение.

„Да го видам како е распоредот, ќе им предложиме два-три термина, нека изберат еден. Ќе се сретнеме, ќе разговараме, ќе ги анализираме заедно работите“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Првиот човек на синдикатот на УПОЗ вели протестот во шест министерства и две институции сега е во мирување. Деаноски е оптимист дека ќе се најде заеднички јазик на состанокот со Мицкоски.

„Надежта ни останува голема дека со него заедно ќе изнајдеме решение и дека барањата на синдикатот ќе бидат послушани. Доколку не се најде решение за проблемот, ние сголасно законски одредби, ќе ги преземеме сите законски мерки. После протести одат штрајкови, ако не е штрајк ќе биде зголемување на времетраењето на протестите или тужба против државата за дискриминација, како што тоа го бараат членовите, бидејќи некој зема додаток, а некој не“ – рече Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Премиерот информираше дека се подготвува и седница на економско-социјалниот совет на која најверојатно ќе се разговара и за недела неработен ден. Последно, Мицкоски предложи да се направат измени и да се реши во недела или да не работи никој или да работат сите кои соодветно ќе ги платат работниците.