Бизнис
7. March 2016 - 19:48

Металурзите бараат системски мерки за справување со малата побарувачка

Металурзите бараат помош од државата. И после 8 години  од светската економска криза оваа индустрија сеуште не може да го најде излезот.

Компаниите посочуваат дека нарачки нема, комбинатите работат со намалено и непостојано производство,а трошоците постојано им се зголемуваат.

Како дополнителни проблеми кои им го отежнуваат производствениот процес ги посочуваат скапите енергенси, акцизата што ја плаќаат како и високите цени на железничкиот транспорт.

- Металургискиот сектор е сериозно погоден. Во нормални земји, вакви ситуациии се предмет на сериозни анализи на надлежните органи и изнаоѓање начини за помош барем додека состојбите не бидат надминати. Работиме на технолошки минимум, со мал процент на искористување на капацитетот што повлекува високи трошоци, додека многу честото кампањско производство за овој бизнис е погубно, рече претседателот на Здружението Митко Кочовски и додаде дека нема драстични промени од лани, кога состојбата во секторот беше катастрофално лоша, вели Митко Кочовски Претседател на здружение на металургија при СКМ.

Од здружението посочуваат дека и во вакви тешки услови не можат да си дозволат отпуштања на работници бидејќи не можат да најдат квалификувана работна сила.

Проценките се дека годинава ќе биде за нијанса поповолна од минатата, а позначајни подобрувања се очекуваат во 2017.

Инаку  металуршкиот сектор учествува со 11 % во БДП. А учеството на производите  и рудите на метали од некогашните 30 % во вкупниот  извоз сега е намалено под 20 отсто.