Ин мемориам: Почина новинарка на ТВ Телма
Неда Бакевска (5. ОКТОМВРИ 1974 – 20. ДЕКЕМВРИ 2015)
Денес во текот на ноќта, тивко како што и живееше, почина нашата колешка Неда Бакевска, повеќегодишен новинар на Телевизија Телма. Во текот на ноќта откажа да работи нејзиното истоштено срце, со кое Неда со години, успешно ја водеше својата енергична борба за живот. Иако нејзниот живот прерано згасна, Неда останува пример на храбро соочување со судбината чии, на пати најжестоки пред се' здравствени удари, таа ги надминуваше со невиден витализам и потоа здржано и смело, ги проследуваше со духовити, на пати иронични коментари и... со својата незаборавна, широка насмевка.
Неда Бакевска беше родена 1974 година во Скопје кадешто го заврши основното и средното образование и кадешто дипломира на Филолошкиот факултет, на групата за македонска и јужнословенски книжевности, со англиски и француски јазик и литература.
2001 година Неда Бакевска со сјаен успех магистрираше комуникологија на Институтот за политичко-правни студии, сјајно одбранувајќи ја тезата насловена: „Пренесување на значењето на културното наследство на локалитетот „Кокино“ преку документарните телевизиски програми “.
Во периодот 2001-2002 година Неда Бакевска оствари студиски престој во САД, на програмата за професионален развој на новинари.
Според сопствените интересирања и афинитети, но и како ќерка на истакнатиот писател Петре Бакевски, Неда Бакевска сиот живот го посвети на книгата во секој нејзин вид, не само како страствен читател на поетски, прозни, публицистички и теориски дела, но пред се’ како професионален проследувач на овој домен во нејзиниот зрел, седумнаесет години долг работен век, почнувајќи од нејзиниот повеќестран ангажман во книгоиздателството „Култура“ кадешто се вработи во 1998 година, се’ до нејзината уште покративна професионална фаза остварена како новинар во Телевизија Телма каде работеше од 2000. година до денес.
Незаборавни се и неброени нејзините прилози работени по различни културни поводи што деценија и пол одеа на програмата на Телевизија Телма. Таа беше активно ангажирана како во културниот магазин „Соѕвездија“, посебно во дневната продукција „Културна хроника“ како и во специјализираните информативни прилози од битни настани наменетети за емисијата “Вести“ на телевизија Телма. Неда Бакевска оствари голем број портрети на наши истакнати уметници и општествени дејци во рамките на портретните емисии „Мојот пат“.
Беше редактор, но и преведувач на книжевни дела од англиски јазик. На теоретски план особено се интересираше за три теми: функционирањето на телевизискиот медиум, новите електронски технологии, и феноменот на глобализацијата. Беше не само новинар и агилен проследувач на културниот процес кај нас и во светот, ами и интелектуалец со стивнат, на пати темен тембр и продлабочени истражувачки интересирања. Последниве години Неда Бакевска, трпеливо работеше на својата докторска теза за „Влијанието на новите комуникациски технологии врз формирањето на виртуелни заедници: реконструирање на идентитетите во процесот на блогирање“, 2011 година прифатена на Институтот за македонска литература.
Неда носеше современ вкус и сензибилитет, и интелектуален дух исполнет со критички рафинман. Следеше и суверено владееше цела палета и вонкнижевни културни домени, сериозната музика и операта, театарот и особено современиот уметнички филм.
Нашата Неда останува незаборавна според својот богат пред се' внатрешен живот, изразита скромност и особен пристап и квалитетот на нејзините творби.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре во 12.30 во капелата на гробиштата Бутел во Скопје. Погребот ќе биде извршен во 13.30 часот.
Извор: ТВ Телма
Ново на Сител
-
Орбан домаќин на европските лидери – Мора да се прилагодиме на новата реалност по победата на Трамп
-
Кос бара уставни измени
-
Камала Харис го призна поразот: Веќе се „крчка“ кабинетот на Трамп
-
Опозицијата се уште зборува за предвремени избори
-
Умерен економски раст и пониска инфлација, очекува НБРМ
-
Стотици граѓани во долга редица чекаа ваучер за инвертер
-
Почина 5 годишно дете на Детската клиника – трет смртен случај во установата за еден месец
-
Пожар во депото на Железници – Транспорт, гореле стари вагони