Македонија
12. January 2020 - 17:16

МД „Илинден“ им го честиташе изборот на Османи и на Тоља за администратори на Требиште и Острени

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана од името на Македонците во Албанија го поздрави изборот на двајцата Македонци, Едмонд Османи и Алтин Тоља за амдинистратори на административните единици Требиште, односно Острени, област Голо Брдо.

При тоа се искажува убеденост дека тие „доследно, одговорно и со успех“ ќе ја извршуваат оваа многу значајна функција.

-Дозволете ми во мое и во име на македонското друштво „Илинден“, но, пред се сите Македонци во Албанија, да упатам срдечни и искрени честитки за вашиот избор на овие значајни функции, со убеденост во успешна реализација на вашите заложби. Веруваме дека заедно со соработниците ќе работите за подобрување на условите за живот, како и на правата и положбата на Македонците – жители во оваа област, стои во честитката потпишана од претседателот на дрштвото, Никола Ѓурѓај.

Се искажува целосна поддршка и определба за добра соработка со друштвото, кое свој огранок има и во Голо Брдо,чиј претседател е Или Халилај.

Со решение на градоначалникот на општина Булќиза, Лефтер Ала, а во согласност со Владата во Тирана, Едмонд Османи и Алтин Тоља, се назначени за администратори на админстративните единици Требиште (со шест села), односно Острени (12 села).

– Ова е одговорна функција бидејќи сите надлежности околу функционирањето на администратвната единица се на администраторот. Просторно сме во објектите на поранешните општина, сите протории се функционални и се сместени службите за социјална заштита, урбанизам како и други служби,изјави Османи за МИА по назначувањето.

Административните единици Требиште и Острени всушност се некогашните истоимени општини,кои беа укинати со законот за територијална поделба, а кои сега потпаѓаат под општина Булќиза.