Максим Димитриевски: Нека разберат клетите фашисти Македонско име нема да загине
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска од пред Спомен Костурница во Куманово се обрати на централната манифестација по повод 11 Октомври - Денот на народното востание.
„Нека разберат клетите фашисти Македонско име нема да загине. Така ја учевме ние оваа песна, а нашите предци на кои денеска им се поклонуваме рамо до рамо со светската антифашистичка коалиција се бореа против нив и се изборија за она денеска што го имаме, држава, идентитет, јазик, сопствена култура, живот, соживот, Македонија.
На овој ден, пред точно 81 година, нашите храбри кумановци, но и граѓаните на Прилеп, го означија почетокот на борбата за слободна и независна Македонија.
На овој ден, пред 81 година почна македонската револуција и отпор против германскиот, бугарскиот, италијанскиот фашистички окупатор.
Денес оддаваме големо признание на Карпош, Шабани, Менков, Нацева и останатите борци кои со својата храброст, достоинство и сопствена жртва ни го трасираа патот кон самостојна држава, но и ни покажаа како се сака, цени и бори за сопствената држава.
Денес оддаваме почит на сите учесници во НОБ, кои ни покажаа како треба да ја чуваме, вреднуваме, и како треба да ја уважуваме нашата Македонија.
Историјата на Куманово е многу позната за сите нас. Револуционерен и слободарски град, град со напредни идеи и херојски дела.
Куманово отсекогаш бил град на соживот, на вистински вредности, на грижата кон историјата. Куманово е темелот на нашата македонска државност!
81 година подоцна, Куманово продолжува да го носи епитетот „револуцинерен град“, но исто така како горди кумановци продолжуваме да го реализираме и аманетот што го оставија нашите предци, а тоа е да ги почитуваме и негуваме македонската историја, македонскиот јазик, идентитет и нашата култура.
11 Октомври е голем симбол и силен потсетник за македонската државност.
11 Октомври не задолжи сите нас да продолжиме по вистинскиот пат, да не се откажуваме од македонската историја, нашите националните вредности, од сопствениот идентитет и јазик, но во исто време со силен интензитет да продолжиме да се бориме за подобар живот на нашите граѓани и силен развој и напредок на државата.
Денес, кога во Македонија како печурки никнуваат клубови, спонзорирани од други држави, кои ги носат имињата на тогашните соработници и партнери на фашизмот, ќе го цитирам првиот македонски претседател, г-динот Киро Глигоров „МАКЕДОНИЈА Е СЕ ШТО ИМАМЕ“.
И да, така е. Македонија е се што имаме. Сите ние доаѓаме и заминуваме, но Македонија останува. Но, од оваа генерација на политичари зависи каква Македонија ќе имаме, со какво уредување и на каков пат ќе ја оставиме на идните поколенија.
Денес сме сведоци во лулката на демократијата, во Европскиот Парламент на обиди за силна негација на постоење на македонски јазик, за поткопување на македонската историја и систематска бугаризација на македонскиот народ.
Оваа генерација на политичари треба да го трасира европскиот пат. На тој пат ќе бидеме соочени со многу стапици, премрежија, сопки и ниски удари. Но, ние треба да донесеме одлуки. Тие одлуки не смеат да бидат на штета на државните и националните интереси.
Сите се бориме за европските вредности, сите се бориме да бидеме дел од големото европско семејство, но таму треба да влеземе гордо, достоинствено, како македонци кои говорат македонски јазик. Нашите одлуки денес, се наследство за идните генерации, но тие треба да бидат мудри, стабилни, рационални, но и патриотски и државотворни.
Дали можеме сите заедно да направиме подобра Македонија? Можеме.
Дали можеме сите заедно да овозможиме подобар живот за младите? Можеме.
Дали можеме сите заедно да водиме грижа за државата, движејќи ја Македонија кон европското семејство? Можеме. Само треба меѓусебно да се слушаме и заемно да се почитуваме.
Куманово е мултиетничка општина што ги спојува сите етникуми, се грижи за секој еден граѓанин подеднакво без разлика на националност, вера, политичка или каква било друга припадност. Граѓаните заслужуваат подостоинствен живот, затоа што за тоа се бореле и нашите предци, а за слободата, еднаквноста и правдата ги давале своите животи. За среќна Македонија, за среќни граѓани на Македонија, за среќни Македонки и Македонци.
Како градоначалник на Куманово, но и граѓанин на оваа наша татковина,
Ве повикувам сите заедно да се вградиме во развојот на државата, заеднички да носиме одлуки, да овозможиме стабилност и сигурност дека државата е на вистинскиот пат, таму каде што природно припаѓа - во Европската Унија!
Да работиме посветено и неуморно во обезбедувањето на поквалитетен живот, заеднички да се грижиме за историјата, за државноста, а секој 11 Октомври да биде горделив празник, носејќи паметни и исправни заеднички одлуки.
11 Октомври е нашиот светол ден и таков и ќе остане!
Борбен, револуционерен и слободарски!
Нека ни е честит Денот на народното востание! Да живее Македонија, да живеат граѓаните на Македонија!“, кажа Димитриевск
Ново на Сител
-
ЦУК: Во последното деноноќие 2 271 повик на 112 и два пожара на отворено
-
Во текот на викендот се подигнати 65 кубни метри одложен отпад
-
Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов
-
Во Загреб марш за зголемување на безбедноста во училиштата
-
Најстудено утрово во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
-
Министерот Муцунски во Вашингтон – продлабочување на билатералната соработка и привлекување нови инвестиции
-
Саливан: Иран може да направи нуклеарно оружје
-
Германската полиција уапси маж кој се заканувал дека ќе изврши криминални дејствија на божиќниот пазар во Бремерхавен