Македонија
25. July 2015 - 15:43

Македонските кошаркари ја започнаа „операцијата – Евробаскет’’

Кошаркарската репрезентација на Македонија со првиот тренинг одработен утринава во СЦ Јане Сандански ги започна подготовките за Европското првенство во септември.
 
Предводени од новиот селектор Марјан Србиновски и спортскиот директор на МКФ, Заре Марковски, македонската кошаркарска репрезентација ја започнаа „операцијата – Евробаскет’’.
 
На првиот тренинг, единствено недостасуваше Ричард Хендрикс кој на „црвено-жолтите„ ќе им се приклучи за 30 јули.
 
Новиот селектор Србиновски посака првенствено подготовките да минат во најдобар ред, и сите здрави, да го дочекаат стартот на шампионатот закажан за 5 септември.
 
На тренингот присуствуваа и повратниците Кире Николовски, Владо Илиевски и Предраг Самарџиски, кои ги пропуштија минатогодишните квалификации.
 
Според планот, првиот дел од подготовките ќе се одработат во Скопје, каде ќе се тренира двапати дневно, а на 6 август се заминува за Охрид, каде од 7 до 9 август ќе одигра натпревари со Украина и Израел селекција со која на 10 август ќе играат и во Скопје. До стартот на шампионатот предвидени се вкупно 10 контролни натпревари, по што нашите кошаркари заминуваат за Загреб каде на 5 септември со дуелот против Грција ќе го започнат петтиот настап на завршницата на континенталното првенство, на кое за противници ќе ги има и селекциите на: домаќинот Хрватска, Словенија, Холандија и Грузија.
 
И овој настап како и изминатите четири на нашите најдобри кошаркари на завршницата на ЕП, љубителите на спортот во Македонија ќе имаат можност да го следат ексклузивно на телевизија Сител.