Свет
21. April 2016 - 12:54

Кандидат за градоначалник на Лондон обвинет за „блискост со екстремизмот“

Кандидатот на опозициската Лабуристичка партија за нов градоначалник на Лондон, Садик Кан е обвинет за „блискост со екстремизмот“, како и дека ја поддржува исламистичката милитантна група Исламска држава (ИД).

Поводот за ваквото обвинување на две недели пред изборите доаѓа по нескриената блискост на Кан со исламскиот лидер од лондонскта општина Тутинг, Сулејман Гани. за кого постојат сомневања дека е поддржувач на ИД.

Ваквите обвинувања повеќепати досега ги има споменувано во своите настапи кандидатот за градоначалник на Конзервативната партија, Зак Голдсмит, иако тој вели дека не тврди оти Кан е екстремист.

Голдсмит сепак инсистира на правото да се дознае повеќе за тоа кој е човекот што претендира да биде градоначалник на британскиот главен град.

Во ваквата расправа се вклучи и премиерот Дејвид Камерон, кој зборувајќи за екстремистичкото насилство што и се заканува на земјата, порача дека е многу важно да не се поддржуваат луѓето кои промовираат екстремизам и да не се настапува од ваквата позиција.

Камерон изрази загриженост за кандидатот на лабуристите за градоначалник на Лондон, затоа што тој постојано се покажува со верскиот водач Гани.

- Ако тоа постојано се повторува, тогаш имате право да прашате за расудувањето на тој човек, изјави премиерот Камерон.

Лабуристичката партија ги отфрли ваквите коментари на ториевците, а посебно на Камерон, означувајќи ги како „срамни“, додека Кан изјави дека е противник на исламскиот екстремизам, откривајќи дека и самиот бил соочен со закани од екстремистите.

Во изјава за Би-Би-Си, Кан објасни дека како адвокат за човекови права и едно време како претседател на организацијата за човекови права „Либерти“, интервенирал за низа „мали и недолични карактери’ кои се судриле со законот врз основа на екстремистичките верувања.

Кан чија изборна единица е Тутинг, која сега има силна и бројна муслиманска заедница, главно од Пакистан и Бангладеш, е роден во пакистанско семејство и израснат врз основите на пакистанските, муслимански религиозни и културолошки традиции.

Во Владите на Тони Блер како лабуристички пратеник беше дел од владината администрација, но осудувајќи ја неговата надворешна политика „кон муслиманите“, Кан стана остар критичар на Блер, па учествуваше во неговото соборување.

За таа своја работа од Гордон Браун беше награден со функција во Владата како министер за правда.

Во време на „војната против тероризмот“, што се спроведуваше и во Велика Британија, особено по терористичките напади во Лондон од 7 јули 2005 година, Садик Кан честопати се јавуваше како застапник на некои осомничени екстремисти.