Свет
29. November 2017 - 9:47

Хаваи ги тестираат сирените за нуклеарен напад

Првпат по завршувањето на Студената војна, Хаваи ќе ги тестираат сирените чија цел е да ги предупредат граѓаните на напад со нуклеарни ракети, соопшти хавајската Агенција за итни интервенции.

Тестирањето на сирените ќе се спроведе во рамки на месечното тестирање на системот за предупредување, јави Си-Ен-Ен.

Првиот работен ден од секој месец, сигналот на предупредување ќе се чуе од звучниците во траење од 50 секунди, по што следува пауза од 10 секунди, а потоа сигнал за „предупредување од напад“ за 50 секунди.

Брзото предупредување е клучно за хавајските острови, кои се наоѓаат на околу 7.400 километри од Северна Кореја, а земјата ќе има само 20 минути да се подготви за нападот.

- Пацифичката команда има само пет минути да го окарактеризира лансирањето на ракетата и во кој правец таа лета, што значи дека граѓаните имаат околу 15 минути да пронајдат засолниште, изјави администраторот на Агенцијата Верн Мијаги.

Американската војска на Хаваи има поморски и авио бази, а командата на американската Пацифичка војска има седиште на хавајскиот остров Оахо.