Балкан
23. December 2015 - 8:52

Грција усвои закон за цивилно партнерство за хомосексуалците

Грчкиот Парламент доцна синоќа усвои предлог-закон за граѓанските права, со кои се овозможува склучување цивилно партнерство меѓу припадниците од ист пол и покрај противењето на некои политички партии, како и на Грчката православна црква.

На седницата кусо по полноќ 194 од вкупно 300 пратеници во грчкиот Парламент го поддржаа предлогот исти права да им се дадат и на хомосексуалните двојки, пренесува Танјуг. 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека новиот закон го „затвори кругот на срамот“ за државата.

- Ова е голем момент не само за ЛГБТ заедницата, туку и за законската рамноправност во Грција, изјави во Парламентот пратеничката од партијата на Ципрас, Сириза, Василики Катривану, која додаде дека тој закон би требало да го отвори патот и за граѓанска унија меѓу истополовите парови. Ова е едно од предизборите ветувања на Сириза.

Предлог-законот за цивилно партнерство за хомосексуалците во Парламентот го поддржаа социјалистичката партија ПАСОК, центристичката партија То Потами, Унијата на центристите и неколку конзервативни пратеници, додека против гласаа некои пратеници од Независни Грци, левиот коалициски партнер на Ципрас. 

Се поголем број европски земји донесуваат закони кои овозможуваат регистрирање на истополовите заедници, а меѓу нив се Велика Британија, Шпанија и Кипар, но тоа прашање во многу членки на Европската унија и натаму е контроверзно.

Иако грчките власти во 2008 година овозможија склучување на договор за цивилно партнерство меѓу хетеросексуалните двојки, тоа не се однесуваше и на хомосексуалните парови, што Европскиот суд за човекови права во 2013 година го прогласи за дискриминација.