Македонија
6. August 2024 - 16:50

МВР постапува по индициите дека се спрема дестабилизација на државата

МВР постапува по сите индиции откако премиерот Христијан Мицкоски го вклучи алармот дека интегративците на Ахмети подготвуваат дестабилизација на државата. Иако детали не се соопштуваат , од полицијата ќе ги испитуваат сите информации. 

Опозицискиот лидер Филипче пак го повика премиерот Мицкоски доколку поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, лично да ги сподели со институциите. од партијата бараат и Обвинителството да покрене постапка, а претседателката Силјановска Давкова да го свика Советот за безбедност. 

Владејачката ВМРО ДПМНЕ ги повика СДСМ и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и што им е целта, откако за ваквото сценарио алармираше премиерот.

Владиниот партнер Вреди велат ДУИ имаат замисла Албанците да ги направат заложници во обид да избегнат правосудна одговорност за владеењето од 20 години.

- Албанците нема да дозволат ова криминализирано раководство на ДУИ да ги потценува. Знаат дека на Ахмети, Груби, Османи, Мерко, Бектеши и компанија воопшто не им е гајле за Охридскиот рамковен договор, туку единствено се грижат за фамилијарно нелегално стекнатиот капитал. Затоа, сметаме дека нивниот капацитет за дестабилизација во моментот е слаб, а допрва уште ќе слабее како што ќе се нижат кривичните пријави за нивните гревови, кои ќе ја разоткриваат вистината за владеењето на ДУИ.

По бројните реакции и алармот кој го вклучи Мицкоски, од ДУИ за Сител велат дека немало да ги коментираат политичките спинови. Но ќе ги преземеле сите демократски мерки и средства за да спречат понижување и мајоризација на Албанците преку наметнување на вазали.