Формиран Национален центар за следење на дозите на пациентите и обезбедување квалитет во радиолошката практика
Министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваше на стручен состанок по повод формирање Национален центар за следење на дозите на пациентите и обезбедување квалитет во радиолошката практика.
Основањето на овој центар, соопшти Министерството за здравство, е резултат на одличната соработка меѓу Институтот за физика при Природно–математичкиот факултет во Скопје и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од Виена, кој воедно е финансиран од Меѓународната агенција.
– Повеќе од две години напорна работа и голем ангажман од домашни и странски експерти, беа потребни за да се стигне до тоа што денеска го промовираме. Откривањето на ракот на дојката во негова најрана фаза, е еден од најголемите предизвици, особено за радиолозите. Овие процедури ќе бидат воведени во сите државни радиолошки одделенија кои имаат дигитални мамографи без оглед дали тие во моментов се дел од скрининг програмата. Со формирањето Национален центар за секојдневно online следење на квалитетот на сликите и дозите на пациентите во мамографските центри одиме уште еден чекор напред во примената на европските стандарди во мамографската практика, посочи министерот во своето поздравно обраќање.
Втор модалитет каде се воведува online регистрирање на дозите на пациентите, како што се посочува, е компјутерската томографија, и тоа во сите државни болници каде има инсталирани скенери за компјутерска томографија и во двата КТ модула, кои се дел од скенерите на Институтот за нуклеарна медицина и патофизиологија и на Институтот за позитронска емисиона томографија (ПЕТ Центар).
Сето ова ќе придонесе со мерливи параметри и податоци успешно да се менаџира со квалитетот на работниот процес и да се унапредува радијациската заштита кај пациентите. Инсталирањето на опремата и софтверот по болниците ќе почне на 10 декември и ќе трае до 24 декември, и тоа ќе биде направено од реномирана белгиска компанија. Првите податоци и анализи се очекуваат на крај на јануари, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Очекувам добар резултат од преговорите со банките за унгарскиот кредит наменет за компаниите
-
Мицкоски: Потенцијална инвестиција од една милијарда евра во когенеративна гасна постројка
-
Продолжување на судењето на Урош Блажиќ за масовното убиство во Дубона и Малo Орашје
-
Кривична за помошник министер во Центарот за обука - Оштетен буџетот на МВР за 189.777 денари
-
Љутков: Работни групи работат на случајот со Универзалната сала
-
Посебен режим на сообраќај во Скопје
-
Британски суд осуди албански државјанин, кој извршил грабеж и во вилата на фудбалската ѕвезда, Рахим Стерлинг
-
Бомбата за Раде Штекли најавена на „тикток“ | ВИДЕО