Македонија
13. November 2024 - 16:34

Азески е оптимист дека владата и банките ќе се договорат

Првиот човек на Стопанската комора е оптимист дека ќе се најде решение за каматата и провизиите за унгарскиот кредит на состанокот меѓу Владата и банките во недела. Иако рече дека не е поканет на средбата, се надева на позитивен исход во корист на бизнисот. Азески повика што побрзо да се најде заеднички јазик, за фирмите да почнат да ги користат 250-те милиони евра и нагласи дека има инвестициони проекти кои се ставени на „чекање“ додека не ги добијат парите.

„Ако е каматата 3,25 проценти не може да се земе некоја баснословна сума за провизија. Се знае колку е провизијата во однос на каматата. Така што, ќе биде тоа во рамките на очекувањата на бизнисот. Бизнисот има потреба од пари секогаш за инвестиции. Бизнисот овојпат ќе ќари, нема каде да се оди, едните треба постојано да се докажуваат, другите се на почеток на мандатот, а ние сме тие што треба да ги искористиме тие средства на најадекватен начин“ - Бранко Азески, Претседател на Стопанска комора

Според Азески, банките со намалување на редовните каматни стапки и државата со оваа помош ќе придонесат да порасне бруто домашниот производ.

Од друга страна, пак, лидерот на СДСМ, Филипче, вели нормално е дека банките за свои трошоци ќе ја зголемат каматната стапка и оцени дека не станува збор за толку поволен кредит каков што го најави Владата.

„Моите информации се дека има македонски компании коишто се добро рангирани во А категорија кои од нашите комерцијални банки земаат кредит со каматна стапка под 3 проценти. Тоа значи дека има многу поповолни кредитни линии за компаниите. Првото прашање во овој дел кое се поставува е зошто граѓаните да плаќаат камати и да враќаат кредити за развој на некои компании, каков бенефит ќе имаат граѓаните кога ќе плаќаат кредити и пари за развој на некои комерцијални компании“ – Венко Филипче, претседател на СДСМ

Министерката за финансии кажа дека една банка прифатила да субвенционира дел од каматата. Деталите ќе бидат договорени заеднички на состанокот во недела.