Македонија
22. February 2024 - 16:37

Фондот не добил документ од лекарите дека Леонид се бори за живот, затоа не одобриле пари

Кај фондот има волја да го покрие трошокот за Леонид во Австрија, но не добиле соодветна документација од специјалистите. Проблем зошто првостепената комисија не го одобрила барањето велат дека е во лекарите од ТОАРИЛУЦ, на кои иако им било укажано што недостига во приложената оценка за пациентот,  тие повторно не прецизирале каков вид лекување му е потребно на Леонид. 

- Ние од клиниката добивме само предлог за лекување во странство. Во конзилијарното мислење од ТОАРИЛУЦ не е наведена конкретната медицинска интервенција на која се упатува детето во странство, туку само е наведено што се очекува да се постигне. Тоа е премногу општо и не може да се донесе заклучок. Кога суштинските елементи недостигаат и Лекарската комисија се става во незгодна ситуација, објасни на брифингот со новинарите директорката на Фондот Магдалена Филиповска Грашкоска

Одлуката за Леонид тврдат дека не е конечна. Директорите не посочија каде во нашата држава, може да му се пружи соодветното лекување на Леонид да почне самостојно да диши,  како што е наведено од комисијата.

 „Јас не можам да кажам детето каде треба да се лекува, лекарите се тие што кажуваат каде е и дали има услови кај нас. Мене ми е жал што претседателката лекарската комисија иако беше поканета не дојде на овој брифинг, но јас не можам да кажам каде да се лекува. За тоа постои Лекарска комисија составена од лекари од терциерно здравство. “ - изјави Магдалена Филиповска Грашкоска генерален директор на ФЗОРСМ

Дека станува збор за медицинска рехабилитација, а не лекување во странство констатирала претседателката на комисијата д-р Сања Петрова. Од Фондот велат нивниот правилник не покрива рехабилитација. На прашањето дали ќе преземат дејствија за измени во регулативата и правилникот, директорите сметаат доколку лекарите констатираат дека е неопходна медицинска терапија со рехабилитација тие може да направат формулација според која во одредени животозагрозувачки ситуации, Фондот ќе ги покрие трошоците. 

Министерката Манолева рече дека заминувањето во Австрија било одлука на родителите, а таа потенцира дека прво треба да се исцрпат сите можности за лекување во Македонија па потоа да бидат упатени пациентите во странство. 

– Ние имаме здравствен систем кој во однос на апаратурата е вистина напреднат и кој може да одговори за пациентите кои порано сме ги испраќале во странство. Треба да се почитува тој систем да се исцрпат сите можности тука за лекување па потоа пациентите да бидат упатени за лекување и рехабилитација на пациентите во странство. 

Иако пратениците се сложни да изгласаат измени во законот, во владата се со поделени мислења, министерката вели дека би требало да се направат но не прецизираше како, додека пак техничкиот премиер е дециден дека не може за секој проблем да се менуваат закони. 

Таткото на Леонид најави правна битка и апелираше јавно до сите лекари да ја преиспитаат нивната одлука. За Леонид во Виена потребни се 300 000 евра, дел од овие средства се собрани преку донации на граѓаните.