Балкан
21. August 2016 - 18:01

ЕУ, НАТО и Меркел го осудија самоубиствениот напад во Газиантеп

Високата претставничка на Европска унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и изразија сочувство на Турција за жртвите во самоубиствениот напад во Газиантеп.

Во заедничката изјава на Могерини и Хан се посочува дека Брисел и Анкара „водат борба против тероризмот“ и ветија дека ЕУ ќе дејствува заеднички со Турција за зачувување на безбедноста, демократијата и мирот.

Претходно, германската канцеларка Ангела Меркел го осуди нападот во Турција истакнувајќи дека „повторно невини мажи, жени и деца станаа жртви на злонамерно насилство“.

Таа во телеграмата исратена до турскиот премиер Бинали Јилдирим напиша: „Нашите мисили се со жртвите и нивните семејства... Посакувам брзо заздравување на повредените“.

Во исто време НАТО ги осуди неодамнешните терористички напади во Турција и изрази солидарност со Анкара.

- Одлучно ја осудувам серијата ужасни терористички напади во Турција во последните неколку дена. Изразувам длабоко сочувство до тие што ги загубија своите блиски или се повредени, како и до народот во Турција, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека бомбашот-самоубиец кој го изведе нападот на свадба во градот Газиантеп бил на возраст од 12 до 14 години.

Во нападот загинаа 51 човек, а 69 се повредени, од кои 17 потешко.

Ердоган наведе дека за нападот најверојатно е одговорна Исламска држава.

Се уште никој нема преземено одговорност за синоќешниот напад.