Македонија
7. September 2024 - 16:33

Комисијата за заразни болести будно ја следи состојбата по пријавата на заразено дето со морбили

Комисијата за заразни болести на дневна основа ќе ја следи состојбата по пријавата на заразено дете со морбили од Скопско кое престојувало во Нови Пазар. Според портпаролот на Комисијата еден случај не претставува здравствена криза и засега нема потреба од дополнителни мерки, освен препораките кои веќе ги издаде ИЈЗ за проверка на вакциналните картони во  општина Петровец каде живее детето и да се информираат родителите чии деца учат во истото училиште.

- Сега во овој момент додека имаме само еден потврден случај Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и доколку дојде до ескалација ќе предложиме некои мерки за да се успори ширење на заразата, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Во меѓувреме нема механизам со кој би се наложила задолжителна изолација на заразено дете со морбили и се е оставено на совеста на родителите.

- Во моментот нема епидемија и нема состојба како што беше со Ковидот да се наложи изолација, засега е оставено на лицна одговорност на родителите да не ги мешаат децата доколку имаат симптоми со деца кои не се вакцинирани со МРП, рече д-р Мехмедовиќ.

Дополнителен ризик за евентуално ширење на заразата според д-р Мехмедовиќ е нискиот опфат со МРП вакцината од 73 проценти во Скопје, за разлика од над 95 проценти во струшко Лабуништа каде пролетта освен увезениот случај не се заразија други деца.

Инаку малите сипаници се едно од најзаразните заболувања. Се пренесуваат респираторно и преку допир. Во соба од 10 лица, 9 ќе заболат ако не се вакцинирани, велат лекари со кои разговаравме и додаваат дека компликациите се многу сериозни меѓу кои воспаление на средно уво, пневмонија и менингитис кој може да биде фатален.